Посни лазањи со печурки и бело вино
Состојки
- 150 гр шитаке печурки
- 250 гр свежи печурки шампињони
- 2 млади кромитчиња
- прстофат бибер, мешан сушен зачин по вкус
- 1 лажичка оригано
- малку масло за потпржување
- За бешамел
- 250 мл бело вино
- 500 мл вода
- 3 лажици полни маргарин или палмово масло во цврста состојба
- 3-4 лажици брашно
- прстофат мускатно оревче
- малку бибер
- мешан сушен зачин по вкус
- 1 конзерва цели домати без лушпа
- 350 гр кори за лазањи
Подготовка
Овие лазањи како за посни се особено сочни и вкусни. Бидејќи ни се едно од омилените мрсни јадења, морав да изнајдам начин да им ги правам и во посна варијанта.
1. Печурките и кромитчето ги сечкаме на мали парчиња. Ги ставаме на тивко да се пропржат во малку масло. Ги зачинуваме.
2. Маргаринот го ставаме да се стопи. Го ставаме брашното да се пропржи неколку секунди, да пушти мирис и да се врзе со стопениот маргарин. Виното и водата ги додаваме постепено, со постојано мешање со рачна маталка.. Мешаме додека смесата се згусне, малку да проврие, па ги додаваме зачините.
3. Во намрсено со масло тавче, ставаме прво од бешамелот. Редиме кори, врз нив ставаме бешамел, па печурките, па кругови од конзервираниот црвен домат. Се така редум додека ни се потроши мастрафот.
4. Печеме на 200 степени во загреана рерна.
Забелешка
Обично ги печам затворени, меѓутоа, дека бешамелот не е со млеко овој пат многу малку ги држев затворени со капак додека се печеа. Откако ќе се испечат претпочитам малку да ги оставам да се изладат, при што се поврзуваат вкусовите, а ако има вишок на течност, лазањите ја впиваат.
Инаку на дел од семејството повеќе им се допаѓа посната варијанта.