Испечати

Зелник со кромид и суви пиперки

Зелник со кромид и суви пиперки

Состојки

  • 850 гр брашно +50гр за посипување
  • 15 гр свеж квасец
  • 1 лажиче шеќер
  • 1 лажиче сол
  • 0,5 л топла вода
  • - фил -
  • 2 кг кромид
  • 10на суви пиперки
  • 100на мл масло
  • по вкус сол
  • уште
  • 200 гр маргарин

Подготовка

За мене ова е тетка ленкиниот зелник со кромид.
Тетка Ленка, гастербајтер, повраник од Америка, овој зелник ни го направила безброј пати откако е тука и сите, ама буквално сите сме спремни со задоволство за неговото дегустирање, дури и оние кои не го милуваат баш кромидот. Иако тетка Ленка живеела долго време во туѓина, таа си го задржала она нашето, македонското. И не само овој зелник, ами не има почестено и со многу други нејзини специјалитети-баш наши, македонски.

За филот е задолжен чичко Алекс, нејзиниот сопруг, душа од човек. Тој го спрема одвечер, го дроби кромидот и ги ситни пиперките, па ги пржи, за утрото да можи тетка Ленка да го направи секому омилениот зелник. Морам да признаам дека јас се сама си спремав, мојот, одамна даде „отказ“. Тајната на спремањето на филот од вечер била дека пржениот кромид треба добро да излади и одмори, па нема тестото да е глетаво и да се лепи. Ако просторијата е топла, се чува во фрижидер до утрото.

Следниот ден на утро.
Во дел од топлата вода се размешува квасецот со малку брашно и шеќер, само колку да се измеша, не да стасува. Потоа се додаваат останатите состојки и се меси тестото.
Убаво измесеното тесто го делиме на 2 дела. Секој дел се расукува во круг, се сечи како за кифлички но покрупни парчињата и не засечени до центарот, па се премачкува со омекнат маргарин и секое парче во средината се превиткува на куп. Се порамнува купчето и се остава во фрижидер (јас во замрзнувач) да стои завиткано додека се спрема другото парче.
Додека се расукува првото тесто, другото стои во ладилникот.

Првото тесто се расукува во големина на плехот и се остава по еден см за ивицата/витката (таа треба да не е многу голема, само колку да затворат краевите). Над него се распоредува филот од пржениот кромид. Се вади и второто парче тесто и се сучи, па се става над филот. Се прават набори, а на краевите се витка витката.
Одозгора се ставаат парчиња маргарин. На витките обавезно, а секако и во средината.
Се печи во загреана рерна на 200С 20на, а можеби и некоја минутка повеќе во зависност од рерната.
Готовиот зелник се покрива со крпа додека малку не подолади, се сечи на парчиња и се викаат нестрпливите јадачи.

*** Дозата е за голем плех од шпоретот.