Кокосови кифли
Состојки
- 250г маргарин
- едно јајце
- 100г кокос
- 80-100г ореви
- 100г шеќер
- 1 кесичка прашок за пециво
- 1 кесичка ванилин шеќер
Подготовка
Овие кифли многу често ги правам бидејќи се лесни, брзи и вкусни.
Стојат и по неколку дена без проблем, имаат вкус како ванилици, само не се толку меки и ронливи.
Омекнатиот маргарин (на собна температура) се сече на коцки.
Оревите се толчат или мелат, по ваша желба, јас ги толчам, затоа што сакам да има покрупни парчиња.
Во длабок сад се става брашното, кокосот, оревите, прашокот за пециво, шеќерот, ванилата и кората од лимон и се мешаат убаво, па се замесува тесто со маргаринот и јајцето. Треба да се добие меко, бисквитно тесто.
Се формираат кифлички, се печат на 180 степени околу 10тина минути и додека се топли, се валкаат во шеќер во прав.
Може да ги потопите до половина во растопено чоколадо. И така се убави.
Во оригиналниот рецепт пишува дека е потребно 500г брашно, меѓутоа, според количината на останатите состојки, тоа е премногу. Затоа моја препорака е да се стави прво помалку брашно (околу 250-300г) и да се замеси тестото, па ако има потреба да се додаде уште. Ако пак добиете суво тесто, може да додадете малку млеко за убаво да се поврзат состојките и да се добие меко тесто.
Уште нешто - иако личат на ванилици, со ова тесто не може да се прават форми со калапчиња. Сум пробала и тоа неколку пати и не ми успеа. Што не значи дека не може да се печат во силиконски модли, на пример, ама тоа не сум пробала, се уште.