Соган Долма (посно)
Состојки
- 7-8 поголеми глави кромид
- околу 150 гр. ориз
- 50 гр. соини трошки
- 1 помала главица кромид
- 5-6 парчиња сушен домат
- 1 морков
- на вкус сол, бибер, сув зеленчук, сува миродија
Подготовка
Соган долма или Полнет кромид, денес ви го претставувам во посна варијанта со филот кој најчесто го правам, а ви предлагам и уште еден фил кој исто така е супер вкусен
- Исчистете го кромидот, засечете го од двете страни, потоа во вертикала до половина, ставете во касерола, залијте со вода, додадете сосема малку оцет и сол, нека се вари, но пазете да не се превари. Потребно е само да омекне за да полесно се вадат слоевите. Откако омекнал, веднаш истурете ја топлата вода, налијте го со студена вода. Потоа ставете го во решетка да се исцеди.
- Во тава ставете зејтин, запржете го ситно сецканата помала главица кромид или пак остатокот од подварениот кромид (не е некоја битна промена во вкусот) заедно со ренданиот морков, додадете го оризот и ситно сецкан сув домат, продолжете да пржите. Додадете ги накиснатите и добро исцедени трошки од соја, уште малку пржете, додадете ги зачинките, промешајте и тргнете настрана.
- Раздвојувајте ги слоевите од кромидот, полнете ги со припреманиот фил, наредете во садот, одозгора повторно ставете сув домат. Залијте со вода колку да се покрие полнетиот кромид, ставете во предходно загреана рерна. Нека крчка се до скоро потполно испарување на водата, неа остане сосема малку сафт.
Извадете и послужете се.
Фил 2
- Постапката за припрема на кромидот е иста.
За овој фил е потребно 250 гр. поголеми печурки-претпочитам шампињони, 2 чешниња лук, малку рузмарин, во блендер измелен бајат леб околу 150 гр. 1 лажица доматно пире, сол и бибер на вкус, 8 лажици зејтин, 100мл. бело вино
- На 2-3 лажици зејтин запржете најпрво трошките кои сте ги добиле од бајатиот леб заедно со кората. Тргнете настрана. На остатокот од зејтинот изпржете ја срцевината на остатокот од кромидот заедно со ситно сецканиот лук и рузмаринот, додадете ги исецканите печурки и заедно пржете ги додека да омекнат, додадете го доматното пире нека се лесно запржи и тоа по што ќе додадете 100 мл. бело вино. Зачинете и на крај додадете ги лебните трошки. Промешајте и нека малку олади. Полнети ги слоевите од кромидот.
- Понатаму пак исто, залиете со вода до половина од кромидот, нека крчка до испарување и послужете.
Секако дека знаете дека може и со мелено месо да се прават-класика, а се служат тогаш и за мене многу вкусни - со кисела павлака.
Нека ви е слатко!