Палачинки со овесни снегулки
Состојки
- Смеса за палачинки
- 5 лажици овесни снегулки
- 100мл. врела вода
- 1 јајце
- 1 лажиче шеќер
- 1/2 лажиче сол
- 350мл. млеко
- 250мл. густ јогурт
- 150гр. брашно
- 1/2 лажиче прашок за пециво
- 2 лажици зејтин
- Овошен сос
- 500гр. замрзнато мешано шумско овошје
- 50мл. сок од црвено овошје
- 3 лажици шеќер (или по желба)
- 30гр. густин
- и уште слатка павлака
Подготовка
Малку поинакви палачинки, меѓутоа превкусни!
Меки и воздушести какви што се, верувам секому ќе му се допаднат.
Овесните снегулки попарете ги со врелата вода, убаво измешајте и оставете ги 5-10 мин. да омекнат.
Жолчката од јајцето ставете ја во еден длабок сад, додадете шеќерот и солта и промешајте кратко со жица за матење. Додадете го млекото, јогуртот и со непрестано матење додадете ги и овесните снегулки.
Брашното помешајте го со прашокот за пециво, па и него постепено додадете го во смесата и матете со жицата за да не ви останат грутки. Ставете го и зејтинот во смесата.
Белката од јајцето со миксер изматете ја во снег, па и неа внимателно додадете ја во смесата за палачинки и промешајте со жицата за матење. Ќе добиете убава, кремаста и воздушеста смеса.
Загрејте едно тавче за палачинки со средна големина во кое сте ставиле неколку капки зејтин. Со црпалка налејте од смесата во тавчето и со помош на лажица распоредете ја смесата по дното за да добиете тенка палачинка. Пржете ги на средна температура од двете страни.
За овошниот сос, ставете го замрзнатото овошје, шеќерот и сокот во тенџере па ставете да се вари на средна температура. Варете кратко колку сосема малку да омекне овошјето. Гутинот растворете го во малку вода и додадете го кон овошјето. Варете додека да се згусни. Доколку ви се чини дека е редок сосот додадете уште малку густин.
Слатката павлака изматете ја и послужете кон овошниот сос и палачинките кои сте ги посипале со шеќер во прав.
Ова е мојот предлог за прилог кон овие палачинки. Одберете го вашиот омилен фил и пробајте ги овие малку поинакви, но вкусни палачинки.