Испечати

Канелони од палачинки

Канелони од палачинки

Состојки

  • За палачинки
  • 400г брашно
  • 400мл млеко
  • 400мл кисела вода
  • 2 јајца
  • филџан масло
  • За фил
  • 100г шунка или мортадела
  • 200г свежи печурки по избор
  • 5-6 кисели краставички
  • 200г кисела павлака
  • За бешамел
  • 20г путер
  • 20г брашно
  • 250мл млеко

Подготовка

Често приготвувам ваков ручек кога немам идеја што би зготвила. Полнењето е секогаш различно, зависно од она што имам во фрижидерот.

1. Прво се прават палачинките. Од состојките се добива малку погуста каша од вообичаеното, и се печат палачинки. Јас ги правам малку подебели и не ги допекувам целосно, бидејќи ќе се печат и во рерна.

2. Се приготвува бешамел сосот - путерот се топи на тивок оган, се додава брашното, се пржи, па се додава млекото да се добие густ сос. Се зачинува по вкус со сол, црн бибер и мускатно оревче.

3. Печурките се сецкаат и се пропржуваат на путер. Се зачинуваат по желба. Јас ставив сол, црн пипер и коријандер.

4. Во огноотпорен сад се става бешамел на дното.

5. Палачинките се мачкаат со кисела павлака, се редат кругови од шунката или мортаделата, се ставаат печурки и сецкани кисели краставички. Се витка и се реди во садот. Постапката се повторува додека да се наполни садот за печење.

6. Врз палачинките се става преостанатиот бешамел сос, се редат уште две празни палачинки како покрив и се посипува со рендан кашкавал. Може да се стави и малку кисела павлака.

7. Се пече 15 минути на 200 степени покриено со капак или фолија, а потоа се намалува температурата на 180 степени и се вади капакот да се потпече.

Полнењето за палачинките може да биде по ваш избор, можностите се големи.