Tорта за почетници
Состојки
- пандишпан
- 8 лажици брашно
- 2 лажици какао
- 1 пециво
- 4 јајца
- 10 лажици шеќер
- 1 ванила
- 8 лажици масло
- 100 грама ореви, лешници ( а може и да се изостават)
- фил
- 2 кесички пудинг од ванила + 6 лажици шеќер
- 2 кесички шлаг пена
- 1 литар млеко
- прелив
- 50 мл слатка павлака
- 1 чоколадо за готвење
- украсување
- 2 пакетчиња чоко стоби флипс бонбони
Подготовка
Торта за почетници - бидејќи ова е една од моите први торти, можеби и првата која сама сум ја направила. Овде, на MоиRецепти сите се искусни кувари, секоја чест на сите се воодушевувам од сите рецепти, но еве една торта и за почетници. Порано ја украсував со дел од филот, а сега на посовремен начин со ганаш т.е прелив.
ПАНДИШПАН
1. Брашното, пецивото и какаото ги просејуваме во посебен сад да нема грутки.
2. Во сад за матење ги матиме јајцата, шеќерот и ванилата додека не се растопи шеќерот и потоа без да го исклучуваме миксерот го додаваме и маслото и брашното, какаото и пецивото.
3. Оревите, лешници или кои јатки и да ги користите можете да ги сомелете, изрендате како ви е по ќеф, јас ги сечкам на не многу големи парчиња бидејќи сакам да се чувствуваат во тортата.
4. Округли калап бр 26 го обложуваме со хартија за печење, може и да го намрсите и набрашните но подобро и полесно е со хартијата. Го истураме пандишпанот во плехот и печеме во загреана рерна на 200 степени околу 20-25 минути во зависност од рерната, за сигурно проверете со чепкалка.Го оставаме да се излади.
ФИЛ
1. Пудинзите ( пишуваше дека за 1 пудинг треба 500 мл млеко) ги вариме со шеќерот во 700 мл млеко и ги истураме во посебен сад и одгоре ставаме најлонска фолија за да не фати кора и убаво ги ладиме. Јас секогаш наутро ги правам подготовките ( фил и пандишпан) а вечерта ја филувам тортата.
2. Двете ќесички шлаг пена ги матиме со останантите 300 мл млеко да добиеме цврст шлаг.
3. На крај заедно ги матиме оладените пудинзи и шлагот и филот е готов.
п.с Во филот може да додадете сечкани ресани, крем бананчиња или нешто друго по ваш вкус меѓутоа и да не додадете ништо тортата е превкусна.
Пандишпанот го сечеме на 2 дела хоризонтално и на средина го ставаме филот.
ПРЕЛИВ
Слатката павлака ја ставаме во тефлонско тавче директно на тивок оган и го ставаме чоколадото искршено на парчиња и мешаме додека не се стопи. Внимавајте не смее да зоврие, доволно е само да се соединат.
Тортата ја преливаме со преливот и додека не е здрвен од горе ги ставаме бонбоните за да се залепат. Јас ја ставив над помал сад и од страна оставав да капи од преливот бидејќе може да се залепи на страните и да е тешко за сечење. (слика)
Тортата е готова и ја оставаме во фрижидер да се излади. Најдобро е да се јаде наредниот ден но кај мене дома, што викам јас живеам со магионичари, одма ја снема.
Ви ја препорачувам на сите .
На здравје!