Испечати

Видео рецепт: Тарт со банани

Видео рецепт: Тарт со банани

Состојки

  • За ТЕСТО ќе ви треба:
  • 800 гр. брашно
  • 1 прашок за печиво
  • 1 јајце
  • 1 шолја (200 гр.) шеќер
  • 1 шолја (240 мл.) млеко
  • 200 гр. путер
  • 2 лажички ванила екстракт
  • За КАРАМЕЛ ќе ви треба:
  • 1 шолја (200 гр.) шеќер
  • ¼ шолја (60мл.) вода
  • ¾ шолја (150 мл.) слатка павлака за матење
  • 1-2 лажици путер
  • 1 лажичка екстракт од ванила
  • Ќе ви треба и:
  • 4-5 банани

Во овој рецепт Фичо ќе ви покаже како најлесно да направите Тарт. Филуван со карамел и со банани... збогатен со арома на ванила!

Подготовка

Чекор 1: Во сад за матење ставате цел путер, едно јајце, шолја млеко, шолја шеќер и 800гр брашно измешано со едно пакетче прашок за печиво, додадете и две лажички ванила екстракт. Замесете фино тесто, па оставете го да отстои 15-20 минути. Од оваа смеса излегуваат 3 теста за Тарт.

Чекор 2: Третина од тестото расукајте и ставете го врз тавата за Тарт, па отсечете ги краевите. Врз тестото ставете хартија за печење и врз неа ориз.

Потоа, го ставате да се пече на 180 степени во претходно загреана рерна 20 минути, или додека не зарумени.

Чекор 3: Во меѓувреме, во малиот сад ставате шолја шеќер, четвртина шолја вода и оставате на средна температура да се растопи шеќерот. Откако ќе зоврие и ќе добие кафеавкаста боја, додавате слатка павлака и мешате, но внимавајте да не се изгорите од пената што ќе се создаде. Потоа тргате од рингла, додавате ванила и путер, и го оставате карамелот да згусне.

Чекор 4: Откако ќе се испече тестото го редите со парчиња банани, како што го прави тоа Фичо во видеото, и прелевате со карамелот. Печете заедно околу 10минути.

Чекор 5: Оставете да се олади на собна температура и сервирајте го на парчиња, или однесете го цело некому како подарок.

СОВЕТ: Доколку ви треба време за правењето на карамелот, бананите можете и претходно да ги карамелизирате. Ако не сакате банани, ставете овошје по ваша желба!