Испечати

Мафини со моцарела и маслинки

Мафини со моцарела и маслинки

Состојки

  • една чаша бело брашно (чашата е од 200 мл)
  • една чаша пченкарно брашно или палента
  • половина ќесичка прашок за пециво
  • 250г рендана моцарела
  • 150г сечкани маслинки
  • две јајца
  • една чаша млеко
  • половина чаша масло

Подготовка

Овие мафини ми се омилени на вкус, мене и на моите дома. Моцарелата со својот млечен вкус перфектно си одговара со солените маслинки. Рецептов често го модифицирам, комбинирам најразлични состојки, зависно од тоа што имам дома во моментот.

1. Во длабок сад се мешаат сувите состојки - белото и пченкарното брашно, прашокот за пециво, ренданата моцарела и исечканите маслинки. По желба може да се додаде сол и оригано, но не мора.

2. Посебно се мешаат течните состојки - јајцата се матат убаво, се додава млекото и маслото. Течноста се додава во длабокиот сад и убаво се меша со лажица да нема грутки од брашното.

3. Калап за мафини се подложува со хартиени корпи или се подмачкува со растопен путер. Корпите/калапите се полнат најмногу до две третини со смеса и се посипуваат со сусам.

4. Се печат во загреана рерна на 180 степени околу 20 минути.
Од оваа доза мене ми излегуваат точно 12 парчиња.

Често ги правам кога ќе ми се најават гости за кратко време, ако немам резерва кифлички во фрижидер. Пченкарното брашно дава особена крцкавост на мафините. Лесни, брзи и вкусни!