Испечати

Пенасти јафа коцки

Пенасти јафа коцки

Состојки

  • За пандишпан
  • 6 јајца
  • 6 лажици шеќер
  • 5 лажици брашно
  • 4 лажици какао
  • 6 лажици топла вода
  • сок од еден портокал
  • 1 лажичка прашок за пециво
  • За пенаст крем
  • 500 мл слатка павлака
  • 2 лажички шеќер во прав
  • 100 мл вода
  • 10 гр желатин
  • За чоколадна глазура
  • 200 гр чоколадо за готвење
  • 150 гр путер
  • 5 лажици шеќер
  • 5 лажици млеко

Подготовка

Овој рецепт за колач го најдов на интернет, ама во мојата кујна при подготовката претрпе измени, малку му го збогатив вкусот и е интересна комбинација на портокал, чоколадо и слатка павлака. На љубителите на овие состојки им предлагам да си го направат.

1. Јајцата и шеќерот ги матиме пенасто, густо. При крајот на матењето додаваме една по една лажица топла вода. Го додаваме сокот, какаото, брашното и пецивото, ситно нарендана кора од портокал и лесно промешуваме.
2. Ја истураме смесата на намрсено и набрашнето тавче со димензии 23х32 см. Печеме во претходно загреана рерна на 200 степени. Го оставаме да се лади.
3. Желатинот го раствораме во водата и оставаме да набабри.
4. Павлаката со шеќерот ја матиме пенасто. Водата со желатинот благо ги загреваме и ги ставаме во павлаката и добро промешуваме со миксерот.
5. За чоколадната глазура прво ги топиме шеќерот со путерот и млекото на умерен оган, па ја топиме чоколадата во нив. Ја оставаме да се излади.
6. На кората, пандишпанот, мачкаме од кремот со слатка павлака, па прелеваме со глазурата и оставаме да се соединат вкусовите.
Украсуваме по желба. Јас го украсив со слатка павлака и аранчини.