Шарени бовчи од солени пченкарни палачинки
Состојки
- 3 цели јајца
- 1 лажичка шеќер
- 1/2 лажичка сол
- 200мл. минерална вода
- 320 мл. млеко
- 10 лажици пченкарно брашно
- 10 лажици бело брашно
- 1/8 лажичка прашок печиво
- за боја - доматна салца и куркума
- за фил - фета и праз, кашкавал,чубрица
- и уште( масло за премачкување)
Подготовка
Пченкарниве палачинки ги подготвив по малку нестандарен начин, ги боев со природни бои од салцата и куркумата.
Редоследот е следен, комбинациите многу.
Во сад се ставаат јајцата да се изматат со мешалка, се додава шеќерот, солта, течните состојки па брашната, се мати добро без грутки и се остава да стои 1 час.
На тавче за палачинки премачкано со масло се става по 1 кутлача и се остава нека печи.
За првиот начин
1. Еден вид улична брза храна, онака сосема топли за конзумација. Откако се остави смесата во тавчето нека изврие 30 секунди, се шприца од доматната салца, се ренда кашкавал и се роси чубрица, се преклопува на пола, од едната па и од другата страна, се добива долга форма, се преполовува на пола со засек и се јади така топла, лезетски во домашен амбиент.
За вториот начин
2. На онолку палачинки колку сакате во црвенкаста боја да имате додавате на секоја кутлача по 1 лажица доматна салца и се меша нека се изедначи (оваа смеса настрана во друго садче од основната смеса). Печите од двете страни стандардно како и секогаш.
За третиот начин
3. За да добијам поизразита жолтеникаста боја ставив во сад куркума и измешав со основната смеса, повторно колку парчиња палачинки сакаме толку кутлачи, натаму постапката е иста на печење од двете страни.
Инаку не напоменав од оваа смеса има 12-13 палачинки. При крај кога веќе се спремиле околу 7-8 смесата ќе се згусни, додавам 3-4 лажици минерална вода или млеко.
Сега само уште за начинот на подготовка на фил и декорација
Парче до две праз се сечка на ситно, се динста кратко време, се става малку сув зачин и фета, додека е уште млак празот, нека се изедначи, количините по вкус и секако зависно од бројот. Јас припремав по 3. Се става на средиштето на секоја палачинка и се собира горе како ,,вреќе,, врзете со конец од праз или друг зеленчук како младо кромидче или лукче-со перцата, после вашата креативност оставете ја на порција. Уживајте во колоритни и вкусни солени палачинки.