Ќофтиња од тиквички и ориз
Состојки
- 200г ориз
- една тиквичка
- два моркови
- половина главица кромид
- четири чешниња лук
- едно јајце
- една жолчка
- 100г рендано сирење
- една лажица сенф
- 50г брашно
Подготовка
Ова е еден малку поинаков рецепт за безмесни ќофтиња, вкусен исто колку и класичните. Јас пред некој ден го направив за прв пат, а верувам дека нема да биде последен. Вкусни и лесни, а може да бидат и вегетаријански, доколку се изостават јајцата и сирењето, ама без нив мислам дека нема да бидат толку вкусни.
1. Оризот се вари во зовриена солена вода, ама да не биде преварен туку „ал денте“, да крцка малку. Кога ќе се свари, се процедува и се става во длабок сад.
2. Тиквичката и морковите се лупат и рендаат на крупно ренде, се посолуваат и се оставаат да се исцеди течноста од нив.
3. Кромидот и лукот ситно се сецкаат.
4. Оризот се меша со зеленчукот, се додава сирењето, јајцата и брашното и се зачинува по вкус со сол и црвен и црн пипер.
5. Се прават ќофтиња од смесата и се пржат во врело масло.
Мене ми излезе малку потечна смесата, а не сакав да додавам уште брашно, бидејќи и онака има ориз во составот, па решив да ги направам како американските палачинки, малку помали во обем. И не ги пржев на многу масло, само колку да се подмачка тавата, баш како палачинки и преубави излегоа.
Како прилог може да се приготви тартар сос или павлака со лукче.