Кифли Планински очи
Состојки
- два свежи квасци
- килограм брашно
- три јајца
- три филџани масло
- три лажичиња шеќер
- три лажичиња сол
- 500мл млеко
Подготовка
Мајка ми многу често ги прави овие кифли, а откако се омажив и јас ги правам, преубави ми се. Често си замесувам повеќе, ги замрзнувам и ми се наоѓаат кога ќе ми дојдат ненајавени гости или пак кога малиот ќе посака да јаде кифли за појадок или вечера.
1. Квасците се раствораат во малку млеко, се додава малку шеќер и брашно и се оставаат на топло да киснат.
2. Во длабок сад се става брашното, солта, шеќерот и убаво се мешаат.
3. Се додаваат квасецот, маслото, јајцата и млекото и се замесува меко и нелепливо тесто. Може да се остави да кисне, но и не мора. Јас обично го оставам да се дуплира.
4. Стасаното тесто се премесува и се дели на 16 топчиња.
5. Секое топче се сука како кора, се мачка со маргарин, се сече и се дипли да се оформи топче кое повторно се расукува во кора и се дели на четири дела. Од секој дел се витка кифла чии краеви се спојуваат со чепкалка.
6. Се редат на хартија во плех, се киснат, па се мачкаат со јајце измешано со малку масло и се посипуваат со ким. Може да ставите сусам, семиња, било што по ваша желба.
7. Се печат во загреана рерна десетина минути на 200 степени или пак на 180 степени околу 15тина минути.
Чепкалките се вадат додека се топли кифлите и гледајте да бидат што подолги парчиња, да се гледаат, да не ви остане некоја во кифличките, оти прилично нараснуваат. Ако ги киснете, ќе нараснат повеќе и ќе бидат помеки и поголеми.