Лисната пита со спанаќ
Состојки
- 800 гр брашно
- 1 лажица шеќер
- 1 лажица сол
- 1/8 свеж квасец (5 гр)
- 5 лажици зејтин
- 1 лажица оцет
- 400-500 мл млака вода
- За премачкување
- 250 гр омекнат маргарин
- Фил
- 800 гр спанаќ
- 300-400 гр сирење
- 3-4 јајца
- сол по вкус
- малку масло
Подготовка
Од сите состојки за тестото замесете меко тесто и оставете го да одмори 15 минути. Потоа поделете го на 2 дела, едниот малку поголем.
Прво развијте го поголемиот дел во тенка кора и премачкајте ја со 100 гр маргарин. Кората се засекува зракасто, но не до центарот и се преклопуваат парчињата едно преку друго да се добие кружна форма со повеќе слоеви. Вака спремената кора ставете ја во фрижидер.
Повторете ја постапката и со втората кора и оставете ги околу 30 минути во фрижидер.
Во меѓувреме подгответе го филот.
Спанаќот исечкајте го и ставете го во загреана тава со малку масло малку да се издинста. Кога е готов тргнете го од огнот, додадете го издробеното сирење, јајцата и посолете ако има потреба.
Земете ја првата кора и расукајте ја правоаголно, малку поголема од плехот каде ќе печете, и ставете ја во подмачканиот плех. Ставете го филот рамномерно по целата површина. Потоа расукајте ја втората кора и ставете ја одозгора. Од крајчињата на првата кора направете витка и исечете ја питата на парчиња.
Се пече во загреана рерна на 250 степени околу 5 минути, а потоа се намалува на 220 и се пече додека не порумени.
Пријатен апетит!
Количеството е за голем плех од рерна.