Испечати

Ќофтиња во сос од домати и грашак

Ќофтиња во сос од домати и грашак

Состојки

  • За ќофтињата
  • 500гр. мешано мелено месо
  • 1 главица кромид
  • 1 јајце
  • 2 лажици лебни трошки
  • 1 лажица маслиново масло
  • сол, бибер
  • 1 лажиче мајчина душица + 2 лажици сув магдонос
  • Сос
  • 1 голема конзерва домати (800гр.)
  • 1 главица кромид
  • 1 чешне лук
  • 125мл. бело суво вино
  • 1 шоља смрзнат грашак (шоља од 250мл.)
  • сол, бибер
  • 1/2 лажиче оригано
  • 1 лажиче шеќер

Подготовка

Ова е еден од моите ручеци за преку недела. Брзо се спрема, нема да ви одземе повеќе време од 1 час.
Во еден длабок сад ставете го меленото месо, сецканиот кромид и останатите состојки па убаво измесете со рацете за да се спојат состојките. Формирајте мали ќофтиња. Мене од оваа смеса ми излегоа 28 ќофтиња. Пржете ги во длабок зејтин. Кога ќе се готови ставете ги во една керамичка или огноотпорна тава.
За сосот, исецкајте ги кромидот и лукот и динстајте ги на маслиново масло околу 5 мин. Доматите исечкајте ги покрупно и заедно со сокот ставете ги во тавата да се динстаат. Додадете ги зачините, шеќерот, налејте го и виното па оставете на средна температура да зоврие. Откако ќе зоврие ставете го и грашакот и оставете така да се динста околу 30 мин. повремено промешувајќи.
Прелијте ги ќофтињата со сосот и ставете да се потпечат 10 мин. на 200° во загреана рерна.
Послужете со свежа салата и/или леб по ваша желба.