Испечати

Тробоен куглоф со мармалад

Тробоен куглоф со мармалад

Состојки

  • - за жолтокафеавиот дел -
  • 1 јајце
  • 6 жолчки
  • 6 лажици шеќер
  • 6 лажици млеко
  • 6 лажици масло
  • 6 лажици брашно
  • 1/2 пак. прашок за печење
  • 1 лажица какао
  • - за белиот дел -
  • 6 белки
  • 6 лажици шеќер
  • 6 лажици масло
  • 6 лажици брашно
  • околу 50на гр суво грозје (или некое слично на него овошје или јаткасти плодови)
  • околу 3 полни лажици мармалад (се преферира домашен од модри сливи, но можи и спрема вкус и она што се има при рака)

Подготовка

Јајцето и жолчките заедно со шеќерот убаво, кремасто се матат. Се додава маслото, млекото и на крај се вмешува брашното предходно измешано со пецивото.

Половина смеса се истура врз добро намастен калап за куглоф (некој поголем, или како јас во овој случај еден помал силиконски и еден мал силиконски калап за векна). Во останатиот дел се вмешува какаото и се истура во средината на светлата смеса. По желба со чепкалка можи и малку да го исшарате.

Се става да се печи во загреана рерна од 200 степени 10 минути. Во зависност од шпоретот, одозгора кората треба да е зацрвестена.

Меѓувремено, се матат белите во цврст снег, додавајќи го при тоа постепено шеќерот. Додадете го маслото и на крај со лажица внимателно вмешајте го брашното. Потоа се додава 50гр, по желба и повеќе, не мора да е фиксно, суво грозје, а во мојот случај тоа се ореви. Во ваш, додадете било кое слично суво овошје или јаткасто.

Печениот прв дел се вади од рерна, се премачкува со мармаладот и врз него се истура белата смеса.
Се враќа во рерна при што се намалува температурата на 150Ц и се печи уште 15,20 мин. Во зависност колкава длабинa на калап сте избрале, ако е потребно ќе го оставите уште малку или пак ако е веќе цврсто и малку отемнато одозгора, нека стои во исклучена рерна уште 10на мин.

Откако малку ќе подолади колачот, се преврќа врз решеткаста подлога да се излади и потоа се сервира во рамна чинија.

* Едноставен, шаренолик на изглед и вкусен.