Испечати

Видео рецепт: Макарони Сам дома

Видео рецепт: Макарони Сам дома

Состојки

  • 500 гр. макарони (Пене Ригате)
  • 300 гр. сланина
  • 500 гр. доматен сос
  • 3 јајца
  • 2 чешниња лук
  • 1 гранче рузмарин
  • 1 рака маслинки
  • Ќе ви треба и:
  • Сол, бибер и маслиново масло

Денес со Фичо ќе подготвиме Макарони Сам дома. Ова е идеја за потпечени тестенини во сос, што може да ги подготвите од состојки кои често ги имате во фрижидерот.

Подготовка

Чекор 1: Ставете ги макароните да се варат во зовриена вода, со 1 лажичка сол. Не додавајте масло во водата, затоа што ќе исплива на површината и потоа ќе го фрлите заедно со водата. Варете ги на средна температура, но не ги доварувајте, бидејќи потоа ќе ги готвиме во сос.

Чекор 2: Сланината исечете ја на крупни парчиња. Исечкајте ги ситно и лукот и рузмаринот. Подобро е да користите свеж рузмарин, ако може да најдете.

Ставете ги рузмаринот и лукот во длабоката тава, со малку маслиново масло, а потоа додајте ја и сланината и убаво потпржете ја.

Чекор 3: Во меѓувреме исечкајте 1-2 раце маслинки на кругчиња, ние употребивме зелени маслинки. Откако ќе се потпржи сланината, додајте ги доматниот сос и маслинките во тавата и промешајте. Додајте ги и недоварените макарони и оставете ги да се проварат во сосот, кратко време на тивок оган.

Чекор 4: Изматете ги јајцата. Истурете ги макароните со сосот во тавата за печење, и потоа рамномерно прелијте ги со јајцата. Печете ги во загреана рерна, 20 минути на 200 степени. Потоа веднаш сервирајте и може да јадете.

СОВЕТ: Многу е важно да не ги доварите макароните, за да можат да примат од сосот. И не мора да бидат макарони, може да употребите било кој вид тестенини, бидете креативни!