Испечати

Векна од семолина брашно

Векна од семолина брашно

Состојки

  • За предтесто
  • 1/4 лажичка сув квасец
  • 1 шоља (235 мл) вода
  • околу 70 - 80 мл вода
  • 150 гр сенаменско брашно
  • За тесто
  • 250 гр семолина брашно
  • 50 гр сенаменско брашно
  • 205 гр вода
  • 1/4 лажичка сув квасец
  • предтесто цело горенаведено
  • 1 лажичка сол
  • За посипување
  • околу 2 шољи сусам

Подготовка

Вечерта пред да го правите лебот, растворете 1/4 лажичка сув квасец во 1 шоља вода. Ставете на вагата еден средно голем сад кој се затвора, пластична кутија или тегла и од добиенета суспензија измерете во него 60 гр. Дополнете со вода до 135 гр, додајте 150 гр сенаменско брашно и добро измешајте. Затворете го добро садот и оставете го да стои на собна температура 8 часа.
На денот кога ќе го печете лебот, во садот на стоечки миксер ставете ги семолина и сенаменското брашно, додајте ја водата, измешајте со мешалката за тесто да се соедини и оставете го да стои 15 - 60 мин. Ова е автолиза, да набабри семолината и да се ослободи глутенот од брашното.
На предтестото додајте го сувиот квасец, измешајте, па додајте го во садот од миксерот и мешајте со продолжетокот за тесто 5 минути. Тестото треба да почне да се одвојува од ѕидовите на садот. Посипете со сол и мешајте уште 5 - 10 минути. Треба да добиете лепливо соединето тесто.
Оставете го да стасува 2 - 3 часа, со тоа што во првиот час на секои 20 минути неколку пати ќе го преклопите тестото. За тоа време тестото ќе почни да добива конкретна структура и ќе надојдува.

Загрејте ја рерната на најсилна температура, околу 250Ц, со каменот за печење на средина. На дното на рерната ставете некој сад во кој може да истурите врела вода, а да не го оштетите.
Стасаното тесто префрлете го на површина која сосем лесно сте ја попрскале со мешавина од вода и масло. Не ставајте брашно. Оформете го во топка, внимавајќи да не ги истиснете премногу меурчињата воздух. Оставете го да отстои 20 - 30 мин.
Потоа, на работната површина сипете го сусамот и врз него оформете векна од тестото. Целата векна, одогора, одоздола и од страните треба обилно да е покриена со сусам.
Внимателно префрлете ја векната на сува хартија за печење.
оставете да отстои 20 - 50 мин., зависто колку ви е топла кујната и колку е активно предтестото. Векната кога е готова треба да е меуреста.
Со остар жилет пресечете ја по должина.
Истурете врела вода во садот на дното на рерната, префрлете ја векната заедно со хартијата на каменот за печење и печете 10 мин. на истата температура, во текот на кои на секои 1 - 2 мин, ќе ја шприцате рерната со вода. Тоа ќе даде убава боја и тенка крцкава кора.

Извадете го садот со вода од рерната, намалете ја температурата на 200Ц и печете ја векната додека не добие убава златна боја, а дното кога ќе го подчукните звучи шупливо или ако користите термометар за храна, додека внатрешната температура не е околу 95Ц.
Префрлете ја векната на решетка, покријте ја со крпа и оставете да се олади.
Можеби сето ова ви изгледа пресложено за да се испече леб, ама за мене печењето на леб стана вистинска наука, колку и смешно чудно да звучи....
Без миксер за тесто, тешко дека ќе се направи и додека се оформува тестото треба малку вештина, зошто е многу меко. Не претерувајте со обработка на тестото додека ја формирате векната, воздржете се од додавање брашно, зошто нема да ги добиете меурчината внатре. Треба малку пракса. Семолина брашно не знам каде кај нас може да се купи, ама кога нема, многу успешна замена ми е сомелен пшеничен гриз. Значи, сомелете го гризот во машинчето за шеќер, додека не се претвори во брашно.
Можеби некој ќе сака да направи...