Испечати

Интерконтинентал торта (јубилеен 100ти рецепт)

Интерконтинентал торта (јубилеен 100ти рецепт)

Состојки

  • Бисквит (потребни се вкупно три бисквита)
  • 4 белки
  • 4 лажици шеќер
  • 3 лажици мелени бадеми
  • 3 лажици мелени лешници
  • на врв на лажиче прашок за пециво
  • 1 лажица брашно
  • Фил
  • 12 жолчки
  • 15 лажици шеќер
  • 9 лажици брашно
  • 1л. млеко
  • 150гр. шеќер во прав
  • 100гр. чоколадо за готвење
  • 50гр. мелени бадеми + 50гр. мелени лешници
  • 100гр. кокос
  • 250гр. путер
  • За украсување
  • 4 кесички шлаг пена
  • чоколадни листови

Подготовка

За мојот 100-ти рецепт се решив за рецептот за оваа, по мое мислење, превкусна торта.
Подготовка
Изматете ги белките заедно со шеќерот во цврст снег. Додадете ги бадемите, лешниците и брашното измешано со прашакот за пециво. Измешајте со кујнаска шпатула. Ставете ја смесата во калап за печење со пречник од 26цм. кој претходно сте го намастиле и во кој сте ставиле хартија за печење. Печете 10мин. на 200° во претходно загреана рерна. Направете на овој начин вкупно 3 бисквита. Отстранете ја хартијата за печење и оставете ги убаво да се изладат.
Фил
Од млекото тргнете 100мл. на страна, а останатото ставете го да се вари. Во еден сад изматете ги убаво жолчките со шеќерот. Додадете го млекото кое го тргнавте на страна, па додадете го и брашното. Убаво изматете да се соеднини. Откако млекото ќе зоврие, тргнете го на страна, додадете ја смесата од жолчки, па со постојано мешање ставете повторно да се вари додека убаво да се згусне (внимавајте да не ви загори). Ставете стреч фолија врз кремот и оставете убаво да се олади на собна температура.

Путерот изматете го со шеќерот во прав. Додадете го изладениот фил во него и кратко матете за да се спојат состојките. Вака подготвениот фил поделете го подеднакво на три дела. Во првиот дел ставете претходно истопено на пареа чоколадо, во вториот дел додадете ги бадемите и лешниците, а во третиот дел кокосот.
На тањир за торта ставете еден бисквит, па ставете околу него обрач за торта. Филувајте со чоколадниот фил. Следува повторно бисквит, па филот со бадеми и лешници. Ставете го и третиот бисквит и филувајте со филот од кокос. Оставете во фрижидер да се стегне убаво, најдобро преку ноќ.
Наредниот ден отстранете го обрачот и украсете ја со шлаг пена и листови од чоколадо.