Благи принцес крофни
Состојки
- За тесто
- 250мл. вода
- 125мл. масло
- 150гр. брашно
- 4-5 јајца ( зависно од нивната големина)
- За фил
- 1л. млеко
- 15супени лажици шеќер
- 3 ванили
- 10 супени лажици брашно (убаво полни и секогаш јас додавам 2-3 лажици нишесте)
- 3 јајца
- 125гр. маргарин
- За наросување
- шеќер во прав по потреба
Подготовка
Водата, маслото и солта се ставаат во тенџере на оган да зовријат. Штом малку ќе провријат, се трга од оган и се додава целото брашно (претходно просеано) одеднаш (тоа е за да не ни се направат грутчиња) и постојано се меша се додека брашното не се впие во течноста и не се добие глатка маса, која почнува да се одвојува од ѕидовите на тенџерето. Повторно се враќа на умерен оган, се вари уште една минутка, постојано мешајќи. Тестото почнува да се собира во топка, а на дното од тенџерето фаќа коричка, која воедно ни е знак дека тестото е готово. Се трга од оган и се остава да излади.
Во изладеното тесто се додаваат јајцата, едно по едно, постојано миксирајќи. Од големината на јајцата зависи дали ќе втреба да се стават 4 или 5. Тестото треба да биде сјајно, глатко, густо, тешко да паѓа од лажица и притоа се прават шилци. Ако тестото биде многу меко или пак тврдо, нема доволно да нараснат крофните.
На ред е чекорот за оформување на крофните.
Можи со шприц за тулумби или пак со две кафени лажичиња. Со шприцот во форми на капи, а со лажичињата топчиња колку оревче.Се редат во намрсен плех на растојание, бидејќи убаво збуфнуваат и не е пожелно да се слепат.
Печењето на ваквиот вид на тесто, варено-печено, е малку специфично. Важно е првите 20 мин. рерната воопшто да не се отвора, за да не спласнат крофните. А, и од времетраењето на печењето зависи колку внатре ќе бидат суви. Кај мене, во мојата рерна (претходно загреана 5 мин. на 200 Ц. степени) е 15мин. на 220 степени ( да збуфнат и добијат боја), па се намалува на 200 и се продолжува уште 20-25 мин, па последните 5 мин. на 180 степени.Вкупно време на печење 45мин.
Вие си го одредувате времето во зависност од вашата рерна. Печените крофни се оставаат потполно да изладат.
Филот се подготвува на стандарден начин.
Во 750мл. млеко се додава шеќерот и ванилите и се става да зоврие. Настрана во остатокот од млекото се раствора брашното, нишестето, убаво се миксира, за да нема грутчиња. Се матат јајцата и се додаваат на смесата од млекото со брашно. Се убаво се меша, поврзува и се додава во зовриеното млеко, постојано мешајќи на умерен оган, додека кремот ја добие потребната густина. Се трга од оган и се остава да излади, но не целосно, туку да биде млак и тогаш се поврзува со претходно изматениот маргарин.
Крофните се сечат со остар нож на половина и се полнат со крем.Одозгора се наросуваат со шеќер во прав со помош на цедалка за чај.
На здравје!!!
*****Од истово тесто можи да се прават еклери, лебеди, прстени....