Брзо ручече од зеленчук и ориз со кинески шмек
Состојки
- парче брокула (големината по желба)
- 2-3 моркови
- 1 помала краставица
- 500 гр зелка
- 300 гр маринирани, сецкани шампињони
- парче целер (по желба)
- 200 гр ориз со долго зрно или басмати ориз
- Зачини
Подготовка
Овој микс од зеленчук и зачини секогаш ми се добродојдена комбинација за вкусен оброк, а здрав, секако. Можете да додадете и месо ако сакате. Во тој случај можете да употребите мнооогу тенко изделкани парчиња пилешко. Велам изделкани зошто користам замрзнат стек, па успевам да изделкам тенки парченца од краевите на стекот, кои понатаму многу брзо и лесно термички ќе се обработат и ќе го впијат вкусот. Вок тавата е идеална за подготовка на овој рецепт. Јас често додавам и кикирики. Онака, пропржени во сосот, многу интересно и крцкаво чувство...
Прво промијте го оризот и ставете го во зовриена вода и малку сол и маслиново да се свари. Кога ќе се свари, исцедете ја течноста колку може повеќе и во истиот сад додајте малку маслиново и соја сос (количината одредете ја во однос на тоа колку интензивен вкус сакате да добиете) и со енергично мешање кратко пропржете.
Во меѓувреме, целиот зеленчук исецкајте го на надолжни тенки ленти.
Во тавата со малку маслиново ставете го зеленчукот по оној редослед според кој истиот бара термичка обработка. Најпрво морковот и зелката, целерот, па брокулата и краставицата, печурките, кикириките.
Проросете кари и сол и соја сос или ако сакате чист вкус, само со соја сос. Пропржете до степен да омекнат малку а сепак да останат крцкави парчињата зеленчук. На крај соединете ја комбинацијата, а сосот што останува полијте го одозгора.
Добар апетит!