Спанакопита - Spanakopita
Состојки
- 500гр. кори
- Фил
- 1кг. исчистен спанаќ
- 350гр. фета сирење
- 350гр. рикота (или урда)
- 3-4 јајца (зависно од големината)
- 2 китки млад кромид (8-10 парчиња)
- 1 главица кромид
- 2 чешниња лук
- 1 китка магдонос
- 1 китка копар (или 1 полна лажичка сув копар)
- по вкус сол и бибер
- на врв нож мускатно оревче
- За премачкување растопен маргарин
Подготовка
Љубов на прво залче е рецептов (барем за нас дома). Сликите се од третото правење. Инаку рецептот е од соседна Грција, нивни традиционален, во групата на бурек рецепти. Се трудев максимално да се придржувам до сите состојки, но за жал не успеав да најдам свеж копар, па заменив со сув. Верувам дека вкусот ќе ве воодушеви.
1. Во поголем сад на оган ставете малку зејтин да се загрее, па ставете ги двата вида кромид ситно исецкани да се пржат. Кога малку ќе омекне додадете го и протиснатото лукче и оставете убаво да се испржи. Потоа постепено додавајте го сецканиот спанаќ додека убаво не омекне. Додадете ги копарот и зачините и убаво промешајте. На крај додадете го ситно сецканиот магдонос, промешајте и тргенете од оган. Внимавајте на соленоста, фета сирењето е доста солено и не мора да се додава екстра сол.
Во друг сад издробете ја фетата и помешајте со урдата (користев урда, ако најдете може и рикота) па додадете ги и јајцата и убаво измешајте. Исцедете ја убаво течноста па додадете го и спанаќот во садот и се убаво измешајте.
2. Корите поделете ги подеднакво (половина за доле, половина за горе). Плехот во кој ќе редите премачкајте го убаво со растопен маргарин (користев плех бр.40). Редете ги корите една по една и убаво премачкувајте помеѓу секоја. Редете така што ќе оставите и дел од корите надвор од плехот (како за зелник). Кога ќе наредите половина од корите, ставете го филот, убаво израмнете и наредете ги и преостанатите кори премачкувајќи со маргаринот помеѓу секоја. Потоа пресечете ги краевите (корите да се колку што е висок плехот) и подвиткајте навнатре. Премачкајте убаво од горе и со остар нож внимателно пресечете ја на парчиња (не до крај, доволно колку за полесно сечење кога ќе биде готова).
Рерната треба да е претходно загреана на 220С, а кога ќе ја ставите питата намалете на 180С и печете околу 50-60мин. Обавезно покриена со алу фолија за да не изгори, на 4-5 мин пред крај ќе откриете да добие убава боја.
Оставете малку да се излади па послужете топла со јогурт или кисело млеко. Подеднакво вкусна и ладна и топла. Уживајте.
Добар апетит =)