Пилешко месо со кокосово млеко
Состојки
- 400 гр. пилешко месо
- 400 мл. кокосово млеко
- 50 гр. рендано биено сирење (или друго тврдо сирење)
- 2-3 семки кардамон (може и мелен)
- 2 цм. свеж ѓумбир
- 1/2 лажиче црн бибер
- 1/2 лажиче кари
- 1 рака цветчиња од карфиол
- прстофат оригано
- сол по вкус
- 3-4 гранчиња ситно сецкан магдонос
Подготовка
Рецепт за помирување, поради моето долго отсуство од сцената на Мои Рецепти!
Пилешкото месо приготвено на овој начин потсетува на некој азиски рецепт токму поради додавањето на кокосово млеко во него, но верувајте дека приказната е сосема поразлични.
Јас сакав ова да биде сосема наш, домашен рецепт, па затоа и го направив по свое.
Семките од кардамон и ситно исецканиот ѓумбир краткотрајно ги запржуваме за да ја испуштат аромата. Семките ги одстрануваме. Веднаш потоа го ставаме пилешкото, исецкано на долги ленти, да се запржи убаво од сите страни. Зачинуваме со црн бибер, оригано и кари. Откако месото ќе почне да добива боја го ставаме и карфиолот. Пропржуваме уште сосема малку, па го налеваме кокосовото млеко. Јадењето продолжуваме да го готвиме на силен оган уште 15-тина минути и не треба да го покриваме. Важно е да испари што поголем дел од течноста. По извесно време ќе забележите дека почнало да се формира прстен во садот во кој готвите. Промешувајте повремено. На крај се додава ренданото биено сирење и сецканиот магдонос. Исклучете ја ринглата и пак од време на време промешајте.Така сирењето ќе се растопи без да ви се зафаќа на дното, но и магдоносот ќе ја задржи својата боја и вкус. На крај посолете по вкус.
Како што можете да забележите сите останати состојки и зачини освен месото и млекото се во некои минимални количества и мислам дека треба да ги задржите во тие рамки. Најважно е да се истакне вкусот на пилешкото варено во кокосово млеко, иако за време на јадењето се чувствуваше понекогаш вкусот на сирењето, па потоа тоа на карфиолот, но на суптилно, не наметлво ниво.
Јадењето може да го сервирате со додаток по ваша желба, ориз, пире, варен зеленчук или некоја салата. Тогаш оваа количина би можела да задоволи и три лица, наместо две.
Нели сепак зависи и какви јадачи сте по дома.
Се надевам дека со ова мое искуство ќе ви ги разбијам предрасудите и ќе ве поттикнам да направите некоја комбинација за која сте мислеле дека е неостварлива.
Добар апетит!