Испечати

Интегрален леб со маслинки и рузмарин (рецепт за пекач)

Интегрален леб со маслинки и рузмарин (рецепт за пекач)

Состојки

  • 350 гр интегрално пченично брашно
  • 1 лажичка сол
  • 1/2 кесичка сув квасец
  • 2 лажици маслиново масло
  • 270 мил вода
  • 50 гр маслинки (сецкани)
  • 1/4 гранче свеж рузмарин (сецкан)

Подготовка

Веќе долго време се обидувам храната која ја јадеме да е здрава и домашно подготвена. Иако имам огромна помош од мајка ми, се обидувам да си олеснам и на други начини. Пекачот за леб е една од машините која ни е најексплоатирана. Најчесто правам обичен интегрален леб по неколку испробани рецепти, но за промена, уживаме и во некој нестандарден вкус. Рузмаринот дава посебен шмек на овој леб, но доколку не го поднесувате, може и да го изоставите. Не ви препорачувам замена на свежиот рузмарин со сув. Секако може да ставите и поголема количина маслинки. Најмногу што сум ставила во овој леб е 100 гр.
1. Се ставаат течните состојки, па маслинките и рузмаринот, солта, квасецот и на крајот брашното. Веројатно ви е познато колку е важно да се запази тој редослед доколку имате искуство, но не е на одмет да се нагласи за новите корисници на пекач.
2. Вклучете програма за интегрален леб и изберете најниско ниво на печење.
3. По завршувањето, завиткајте го лебот во влажна крпа и ставете го во кеса да омекне.

Ми требаше време да најдам начин како целозрнестиот леб од пекач да ми биде мек, а при тоа да не ставам никакви адитиви. Со постепено додавање на малку повеќе вода и намалување на времето на печење стигнав до идеалниот леб. Доколку имате рецепт за бел леб кој сакате да го замените со интегрален, само додадете повеќе вода и печете 10тина минути пократко. Би сакала целосно да го исфрлам и квасецот, но до сега не сум имала храброст да пробам дали пекачот може успешно да направи леб со кисело тесто.