Испечати

Слатка погача Маргарита

Слатка погача Маргарита

Состојки

  • Тесто
  • 500гр. бело брашно
  • 10гр. сув квасец
  • 250мл. млако млеко
  • 1 јајце
  • 4 лажици шеќер
  • прстофат сол
  • 1 кесичка ванилин шеќер
  • 70гр. растопен маргарин
  • Фил
  • 5 лажици мелени ореви
  • 3 лажици шеќер
  • 2 лажици омекнат маргарин (за премачкување)
  • За премачкување
  • 1 жолчка

Подготовка

Сите состојки за тестото ставете ги во длабок сад и додавајќи го млекото замесете мазно, меко и еластично тесто. Покријте го со крпа и оставете околу 1 час да стасува.
Без да го премесувате, од тестото развлечете правоаголна долга кора со дебелина околу 5мм. Премачкајте ја кората со маргаринот и наросете од оревите измешани со шеќер. Завиткајте ролат. Крајните делови од ролатот пресечете ги и тргнете ги на страна.
На хартија за печење, ролатот завиткајте го во круг, како прстен. Со ножици сечете парчиња со ширина околу 1цм. но не сечете до крај, туку оставете 1цм од крајот (види слика). Земете со прстите едно парче, завртете го надесно и повлечете го нагоре кон средината на прстенот. Двете парчиња до него подотворете ги вртејќи ги малку на лево (види слика). Наредното парче повторно завртете го надесно и повлечете го нагоре кон средината на прстенот. Па наредните две парчиња малку подотворете ги...повторете ја постапката и со останатите парчиња.
Во средина ставете ги двете крајчиња од ролатот и тоа едно врз друго со пресечената страна нагоре. Префрлете ја погачата во тава со пречник од 28цм., покријте ја со крпа и оставете 30 мин. да стаса.
Рерната уклучете ја да се загрева на 180°. Откако погачата ќе стаса, премачкајте ја со изматена жолчка и ставете да се пече околу 30 минути.