Лиснат мазник со нишесте
Состојки
- За тесто
- 1кг. брашно
- 2 супени лажици масло
- 2 супени лажици винска киселина
- 2 кафени лажичиња сол
- 1 кафено лажиче кафено лажиче шеќер
- млака вода по потреба (окулу 500мл)
- 2 маргарини за премачкување и прскање
- За фил
- сирење или по ваша желба....
Подготовка
За Василица во нашиот крај се прави мазник со паричка, како што во некои краеви за Бадник се става паричка во лебчето. Кој ќе ја најди паричката, ќе биде среќен и успешен во текот на годината. За овој ден се прави виткан, а вообичаено го правам прав во ролати.
Се замесува средно меко тесто и се дели на 6 дела.
Од секој дел се вадат по 4 пупалиња-топчиња.
Секое топче се мака во нишесте од двете страни (нишесте си тураме во длабока чинија) и се расукува во големина на мала плитка чинија.
Трите корички се редат една врз друга кои претходно сме ги премачкале со омекнат маргарин и се завршува со четвртото, кое не се премачкува. Се отвора поголема кора, како на фотографијата. Истата постапка се повторува со сите топчиња. Добиените кори се редат на подлога наросена со нишесте, а одозгора се премачкуваат со масло....
Се оставаат да одморат 15-20 мин.
Потоа се тегнат корите на чаршав. Крајчињата се отстрануваат со нож или јас ги кинам со рака. Краевите од две кори ги премесувам и формирам друга кора за тегнење, но таа ќе биде малку со поинаков квалитет од првите, бидејќи е премесена.
Едното делче што ќе ни остане од првиот маргарин и целиот друг маргарин се топат на тавче и со нив се прскаат истегнатите кори.
Се нанесува фил. Можи по цела површина, а можи и само на почетокот од кората и да се свитка како ролат. Кората пред да ја роловаме по малку од сите краеви ја подсвиткуваме, предиплуваме кон внатрешноста и попрскуваме повторно со мрсно.
Готовите витки ги редиме во намрсен плех, одозгора убаво премачкуваме со маргарин со помош на четче и ставаме да се пече во загреана рерна и тоа прво на појако на 250 Ц. степени околу 15 мин. додека убаво збувнат витките и добијат боја, а потоа намалуваме на 220 уште 15 мин или си печите во зависност од вашата рерна.
Печениот мазник го покриваме само со памучна крпа. Оставаме да излади, го сечеме и собираме во најлон или фолија за свежо, за да не ни се исуши. Колку повеке ќе постои, уште поубав се прави, помек.
Со чаша јогуртче, одличен е. На здравје...