Испечати

Традиционален бурек со тегнети кори

Традиционален бурек со тегнети кори

Состојки

  • 500 грама брашно
  • околу 20 грама сол (зависно колку е солена) може и малку повеќе
  • 300 мл топла вода
  • за подмачкување на плекчето и за намрсување на корите
  • 3 лажици зејтин
  • 3 лажици маст
  • фил
  • 500 грама говедско мелено месо
  • 1/2 филџан вода
  • 1 главица кромид
  • околу 500 грама урда или сирење
  • 2-3 страка праз
  • 1/2 лажичка црн бибер,ако правите фил со месо,малку мешан зачин ( внимавајте со количината на солта во филот да не го пресолите бидејки самото тесто е доволно солено)

Подготовка

Овој рецепт за бурек што сега сакам да го споделам со вас е правење на бурек на занаетчиски начин.
Далеку од тоа дека јас сум станала мајстор за ваков бурек, не можам да се рамнам со умешноста на мајсторот на својот занает, мој роднина, кој несебично ми пренесе дел од тајните на правење бурек. Ќе се потрудам на мој начин овде да ви презентирам колку што ќе умеам. Но, да не должам многу.

Филот со месото спремете го на овој начин.
Месото ставете го во тава за пржење додајте ја водата и кромидот ситно исецкан и пржете го само неколку минути додека не изврие водата. Ако правите со сирење фил само изрендајте го. Ако подготвувате посно со праз (јас правев за Бадник) само запржете го малку празот ситно исецкан со малку вода и зејтин.

Брашното го просејуваме го мешаме со солта и замесуваме. Тестото го месиме 30 минути без прекин. Немојте да додавате ниту вода ниту брашно така треба, тестото нема да ви се лепи за рацете. За да не ви биде досадно додека го месите тестото пуштете си убава музика, јас така правам. Откако е убаво умесено тестото оставете го да се одмори околу 45 минути покриено за да не ви фати кора.
Потоа поделето го на 4 еднакви дела треба да ви тежи 800 грама, значи по 200 грама за кора. Направете ги како топчиња, притиснете ги малку како пишија и секое добро намастете го со нерастопена маст или со зејтин во добро намастен плех. Оставете ги така околу 45 минути додека тестото не се опушти доволно за да множете да го теглите.
Потоа подмачкајте правоаголно или кружно плекче зависно на кој начин ќе го виткате бурекот.

ПРВ НАЧИН
Намастете ја работната површина со зејтин да не ви се лепи тестото додека го тегнете. Бидејки за професионално теглење немам искуство, јас го теглев тестото повеќе на раце почнувајки од крајот на кората и постепено од средината или на работната површина (како што се гледа на дел од сликите). Ако краевите ви останат подебели искинете го тоа тесто и фрлете го. Откако е истеглена првата кора напрскајте ја со зејтинот и маста или само со зејтин, здиплете ја прво од едната страна накај средината на кората, така и со спротивната страна. Истото направете го и со другите два краја на кората. Одложете ја здиплената кора на намрсена површина за да не се залепи.
Растегнете ја втората кора, намастете ја и на ќоше или како што ние во Виница можеме да кажеме на ќостреме и повторете ја на ист начин постапка та за завиткување како првата кора. Одложете ја здиплената кора.
Растегнете ја третата кора намрсете ја и пак дијагонално ставете ги здиплените кори. Врз здиплените кори ставете го филот и со третата кора здиплете на ист начин. Одложете ги здиплените кори како претходно.
Растегнете ја четвртата кора намастете ја, ставете ги здиплените 3 кори дијагоналнои здиплете (самата големина на сите кори ќе ви покаже во колкаво плекче треба да го печете бурекот. Краевите на бурекот од четирите страни за да не ви стрчат свиткајте ги одоздола.

ВТОР НАЧИН
Кога кората ви е растегната намрсете ја и од двете страни преклопете ја накај средината. Ставете фил по вкус и земете од едниот крај свиткајте триаголник и така преклопувајте до крајот.

ТРЕТ НАЧИН
Растегнете кора, намрсете ја, ставете фил и засукајте ја како ролат и направете форма како што сакате.

Рерната загрејте ја претходно на околу 200 степени и веднаш (без стасување и одмор на тестото) печете го бурекот време околу 45 минути или зависно од јачината на рерната.

Се надевам дека барем малку успеав да ви ја објаснам постапката. За вкусот не споменав погоре, ама навистина подсетува на бурек од бурекџилница. Мислам дека ќе успеам барем дел од членките да испровоцирам во што воопшто не се сомневам, бидејки сите се вредни да тргнат во една убава авантура како мене.
Ви посакувам добар апетит.
П.С. Големо благодарам на мојот роднина за овој рецепт.