Испечати

Цветна погача

Цветна погача

Состојки

  • 600гр. бело брашно
  • 30гр. свеж квасец
  • 2 јајца
  • 1 белка
  • 3 лажички шеќер
  • 2 лажички сол
  • 1/2 лажичка бел вински оцет
  • 5 лажици маслиново масло
  • 250-300мл. млако млеко
  • 70гр. стопен маргарин (за премачкување на корите)
  • За премачкување
  • 1 жолчка
  • 2 лажици топла вода
  • сусам, ким за посипување

Подготовка

Во дел од млекото растопете го квасецот со 1/2 лажичка шеќер и 1 лажичка брашно и оставете да стаса.
Останатите состојки измешајте ги, додадете го стасаниот квасец, па со постепено додавање на млекото замесете меко тесто кое може малку да се лепи за рацете. Ставете го тестото во набрашнет длабок сад и оставете 30 минути да одмори.
Тава со пречник од 28см. намастете ја убаво со маргарин. Хартијата за печење исечете ја исто со пречник колку тавата.
Стасаното тесто поделете го на три дела од кои едниот ќе е најголем, па помал и најмал дел. Од најголемиот дел направете 4 топчиња. Секое топче на намастена површина расукајте го во округла кора со пречник од 26см. па премачкајте со стопен маргарин. Редете ги едно врз друго, последното не се премачкува. Ставете ги врз хартијата за печење и така пренесете ги во тавата. Исечете ги на шест триаголници, но не до крај, туку до 2см од ивицата на кората. Секој триаголник во средината пресечете го, направете отвор. Земајте го ќошот од триаголникот, протнете го низ резот и повлечете нанадвор кон зидот од тавата. Повторете го тоа со сите триаголници.
Помалиот дел од тестото поделете го повторно на 4 топчиња и повторете ја постапката како кај првиот дел, со тоа што сега корите ќе ги сукате помали, поточно онолку големи колку ќе е средината од венецот кој веќе го направивте. Сечете повторно 6 триаголници, но внимавајте овојпат ќошовите од истите да дојдат помеѓу триаголниците од првиот дел. Повторно направете резови и протнете ги ќошевите низ нив и влечете нанадвор кон рабовите од тавата.
Последниот, најмал дел од тестото оформете го во топче и ставете го во средина. Покријте со платнена крпа и оставете повторно 30мин. да нарасне погачата.
За тоа време загрејте ја рерната на 200°.
Погачата премачкајте ја со изматената жолчка во која сте додале 2 лажици топла вода и во средина посипете со сусам и ким.
Печете 10 мин. на 200° и потоа уште 20 мин. на 180°.