Испечати

Божиќна пифтија

Божиќна пифтија

Состојки

  • 600гр. свински ноџиња
  • 1кг. чиста свинска удина
  • 1кг. свинска коленица
  • сол по вкус
  • 1 главица лук со средна големина
  • 6,5литри вода

Подготовка

За Божиќ-пифтија.
Чинам како еден белег е тоа, кој се пренесува од стари колена, на сите генерации по нив.
Веднаш ќе ви откријам, ајсторијата е само до варењето и тоа во времетраењето, кое како што велиме-цел ден, обавезно 7-8 часа и како што напоменав вода, долевање-никако.

Ноџињата убаво исчистени, измиени, се потопуваат во солена вода да отстојат преку ноќ. Утрото повторно убаво се мијат и се ставаат со целовкупната вода да се варат. Доколку не се киснат, еднаш се зовриваат на сосем кратко и таа вода се фрла.

Откако ќе зовријат им се додава сол и се продолжува да се вари на умерен оган покриена со капак. Во прво време полупокриена, за да не ни претечи, а подоцна, кога ќе намали количината на вода целосно покриена.

После варење од 1 час, се додава телешката удина, ( јас не ставив овој пат), а по варење од 2 часа се приклучува свинската удина. Удините претходно исечени на коцки, зовриени на кратко и измиени од пената што ја пуштиле.

Се вари, додека течноста не се преполови во тенџерето, околу 7-8 часа.

Кога е готова пифтијата, се трга од оган и се додава лукот истолчен со малку сол. Се убаво се изедначува. Месото се распоредува во садовите (без ковчиња, тие веќе се испаднати во тенџерето) и преку цедалка се сипува од течноста. Се остава на ладно да се здрви, најдобро е преку ноќ.

*Овие состојки се за дозата што ја направив годинава и количината што ја добив е приложена на фотографиите. Важно кај пифтијата од свински ноџиња е тоа што вода не се притура во варењето, во спротивно нема да се фати. А, како некој сооднос на состојките по кој се водам е следниов, на 1кг. зајре (месо и ноџиња) одат 2,5 литри вода. Пифтија варам и од свинска глава, во неа можи да се дотура вода. Во пифтијата можи да се додади и телешка удина.
На здравје!!!