Божиќна мисирка со путер
Состојки
- 1 мисирка (нашата 4,5кг.)
- 250гр. путер
- 2 чешниња лук
- 1 гранче рузмарин
- 1 лажичка мајчина душичка
- кора од 1 лимон
- 3-4 гранчиња магдонос
- по вкус сол и бибер
- микс зачини мајоран,оригано,куркума
- 200мл. вода
- малку зејтин
- 1 голема главица кромид
Подготовка
Ете стигна и нашата мисирка. За прв пат годинава подготвував мисирка, па морав претходно да соберам податоци околу начинот на подготвување. Се одлучив за овој начин со путер со зачини и не згрешив. Генерално мисирка се пече 30-35мин од 1кг. плус 10тина мин. откриена да фати убава боја.
1. Мисирката е пожелно да биде убаво одмрзната и барем 1 час пред печење да биде на собна температура.
Путерот исто на собна температура за да омекне. Во сад ставете ги сите зачини и измешајте за убаво да се спојат со путерот.
Внимателно со рака одвојте ја кожата од целиот дел од белото месо и копаните (внимавајте да не искинете) и потоа ставајте од путерот и притискајте за убаво да го опфати целото бело месо. Остатокот од путерот премачкајте го врз целата мисирка. Внатрешниот дел убаво посолете го и ставете бибер. Нозете прекрстете ги и врзете убаво со готварски конец. А крилцата наместете ги под мисирката (исто како кога се одмара на плажа =)))
2. Садот за печење малку намрсете го. Кромидот исечете го на половина и потоа на резанки, наредете ги на дното од садот за мисирката да биде над нив. Ставете ја мисирката, сосем малку попрскајте ја со зејтин и ставете ја и водата.
Ставете во загреана рерна на 180С, 5 мин колку да се стопи путерот од горе и потоа веднаш покријте со капак или фолија.
3. На секои 30-40 мин. вадете и преливајте ја со течноста која ја испушта. Последните 10тина мин. печете откриена да зарумени.
4. Е сега потешкиот дел. Мисирката треба да одмара, по некои правила колку долго се пече толку долго треба да одмара, но тоа е нели невозмошно зошто цело семејство чека ручек =) .... па некаде 45 мин до час е сосем доволно.
Кај нас како дополнително имаше и печен компир кој се печеше во тешноста од мисирката. Мисирката ја извадив и покрив со фолија да одмара и во пекачот ставив компир кој се подготви за околу 1 час.
По желба може додека се пече мисирката да ставите и зеленчук па потоа да направите и сос.
Нека е среќен и весел празникот, добар апетит =)