Ароматична баклава со мед
Состојки
- 1кг. кори
- Фил
- 125гр. сецкани ореви
- 125гр. печени сецкани бадеми
- 200гр. суви смокви
- 100гр. сецкано чоколадо
- кора од 1 лимон
- 1 лажичка цимет
- 1 лажичка мелено каранфилче
- 3 лажици шеќер
- 40-50мл. рум (за покиснување на смоквите)
- Шербет
- 300гр. шеќер
- 400гр. мед
- 350мл. вода
- сок од 1/2 лимон
- 400-450гр путер или маргарин за попрскување
Подготовка
Да почнам и јас со нормалните рецепти =)
Иако не ми беше во план да правам баклава годинава, барајќи на нет наидов и на овој прекрасен рецепт. Го најдов на страна со либански рецепти и веднаш ми фати око, па решив да го направам. Количините ги прилагодив односно зголемив за потребите. Во рецептот плус има и кардамом, но не успеав да најдам па го изоставив и додадов кора од лимон. Иако сеуште не сум ја пробала баклавата вака од око и од тоа што го добив како коментар од оние кои дегустираа мислам дека можеби треба да се зголеми малку количината на шербетот. Но накнадно ќе ве известам за вкусот и впечатоците.
1. Смоквите покиснете ги во румот и оставете ги барем 30мин да стојат. Сите други состојки ставете ги во еден поголем сад и убаво измешајте. Смоквите исецкајте ги и нив додадете ги во садот.
2. Плехот (26х36см е мојот) премачкајте го со растопениот маргарин (користев маргарин, вие по желба). Наредете 6 кори, претходно премачкувајте убаво со маргаринот. Потоа преку 2 кори ставајте од филот се додека не се потроши. Секоја кора премачкувајте ја убаво со маргарин додека редите. Треба да ви останат 5-6 кори за горе, исто премачкувајте една по една, па редете. Ќе ви остане околу 60-70мл. маргарин, затоплете го убаво и прелијте го врз пресечената баклава.
Рерната загрејте ја на 220С,а кога ќе ја ставите баклавата намалете на 180С и печете 1 час. На 5 мин пред крај откријте ја и оставете да добие убава златно-жолта боја.
3. Во тенџере на оган ставете ги шеќерот, медот и водата (по желба и малку ванила) и оставете да зоврие. Намалете и нека врие на тивко 9-10мин. Пред крај ставете го сокот од лимон и парчиња лимон.
Се попарува жешко со жешко, вадите од рерна и веднаш попарувате. Оставете убаво да го впие шербетот па послужете малку попрскана со мед.
Добар апетит =)