Испечати

Шампињони полнети со крем сирење

Шампињони полнети со крем сирење

Состојки

  • 12 големи шампињони (околу 1/2 кг)
  • 200 гр крем сирење
  • 50 гр рендан кашкавал
  • 1 чешне лук
  • 2 лажички лебни трошки
  • 1/4 лажичка мелен црн пипер
  • 1/4 лажичка црвен пипер
  • малку масло
  • по вкус сол
  • И уште
  • по потреба лебни трошки за одозгора

Подготовка

Ова е одлично предјадење за забави каде се служи „Фингер фоод“.

1. Шампињоните измијте ги и исушете ги со хартија. Внимателно извадете ги рачките и ситно исечкајте ги. Лукчето исечкајте го многу ситно.
2. Во тава на малку масло ставете ги исечените рачки од печурки и лукчето да се пржат на умерена температура. Пржете ги додека не испари целата течност и внимавајте да не изгори лукчето. Тргнете ги од огнот малку да се оладат.
3. Кога смесата ќе биде топла, но не врела, ставете го крем сирењето, кашкавалот, црниот и црвениот пипер и убаво измешајте. На крај додадете ги и лебните трошки.
4. Главите од шампињони ставете ги во малку подмачкано тавче за печење, може да го обложите и со хартија за печење. Со четкичка намачкајте ги со малку масло за да не се исушат при печењето и малку посолете ги. Наполнете ги со смесата со крем сирење и одозгора наросете по малку лебни трошки.
5. Печете ги во загреана рерна на 180 степени околу 20-30 минути, додека не испуштат течност. Времето ќе зависи од големината на шампињоните кои ги користите. Послужете ги топли.

Пријатен апетит!

Забелешка
Во филот може и да не ги ставите лебните трошки ако сакате да биде уште покремасто.