Господски крем
Состојки
- 1 пакетче пудинг со вкус на слатка павлака (замена=пудинг од ванила)
- 40гр. шеќер
- 500мл. млеко
- 100гр. чоколадо за готвење
- 200мл. слатка павлака
- 1 пакетче ванилин шеќер
- 1 пакетче крем фикс
- 5 лажици рум
- чоколадни орнаменти за украсување
Подготовка
Не знам како десертов го добил своето име, ама токму името беше првата причина поради која се решив да го испробам овој десерт. Втората причина беа позитивните оцени кои овој десерт ги доби во една емисија за храна.
Начинот на подготовка е сосем едноставен, а и не се потребни многу состојки за да се подготви овој вкусен десерт. Бидејки за време на празниците обично сме во стрес околу подготовка на секакви јадења, сметам дека тогаш ваквите брзи а вкусни десерти се добредојдени. Токму затоа ви го препорачувам да го подготвите како круна на вашето Новогодишно или Божикно мени.
Одвојте малку млеко на страна, а во остатокот додадете го шеќерот и ставете го да се вари. Пудингот растворете го во млекото кое го одвоивте, па откако ќе зоврие млекото додадете го и со постојано мешање сварете го пудингот. Веднаш ставете проѕирна фолија на површината на пудингот и оставете да се излади на собна температура.
70гр. од чоколадото исечкајте го во мали коцкички, а остатокот изрендајте го на крупната страна на рендето.
Слатката павлака изматете ја заедно со ванилиниот шеќер и крем фикс. 1/3 од смесата тргнете на страна.
Во изладениот пудинг додадете го исечканото чоколадо, румот и 2/3 од слатката павлака. Изматете со миксер за да се спојат состојките.
Наполнете ги десертните чаши со кремот и украсете со остатокот од слатката павлака, ренданото чоколадо и чоколадните орнаменти. Ставете го десертот во фрижидер неколку часа да отстои пред да го послужите.