Испечати

Желе бомбони пралини

Желе бомбони пралини

Состојки

  • За желе од киви
  • 250 гр киви
  • 50 мл вода
  • 35 мл бело вино
  • 10 гр желатин
  • 130 гр шеќер
  • 1 лажичка путер
  • За желе од јагоди, истите состојки само место киви ставаме јагоди
  • За пралините
  • 200 гр бело чоколадо
  • 2 лажици масло

Подготовка

Кој го сака вкусот на желе бонбони еве еден рецепт за нивна домашна подготовка, во која користиме овошје и тоа киви и јагоди. Не сум пробала со друго овошје, ама верувам дека исто така ќе биде успешно и вкусно.

Подготовка
1. Чоколадото го топиме на најтивко или на пареа. Ги мачкаме силиконските калапчиња, со силиконска четка, еднаш, па ги ставаме во фрижидер да се изладат и стегнат, па уште еднаш мачкаме и ладиме. Јас прво ги средив калапчињава, па го правев желето.
2. Кивито го лупиме и го блендираме. Заедно со водата се става на тивок оган, полека да проврие ( да испари водата). Се остава да се олади и ладната смеса ја процедуваме низ цедалка (јас користев цедалче за чај) за да ги отстраниме црните ситни семчиња што ги има низ кивито.
3. Желатинот го раствораме во виното, па го додаваме во ладното и процедено киви. Додаваме и шеќер ( може и повеќе, зависи колку благо сакаме да ни биде желето) и ја зовриваме смесата на оган. Може да додадеме и арома на киви или зелена прехрамбена боја. Кога ќе зоврие го додаваме путерот и мешаме додека се стопи.
Истото го повторуваме и со јагодите, само што јаготките не ги процедував низ цедалка.
4. Ги полниме силиконските калапи со лажичка, со подизладеното желе. Потоа откако ќе се стегне желето, секое пралинче го затвораме повторно со стопено чоколадо. Откако убаво ќе се изладат, ги вадиме од калапите.

Забелешка
200 гр чоколадо е доволно за една доза на пралини, околу 15 пралинки. Значи ако сакате да го искористите и желето од јагоди, во пралини, ќе ви треба уште 200 гр. чоколадо.
Ако ви остане од желето истурете го во некој сад, по можност силиконски, за подобро да се одлепи кога ќе се излади. Јас го ставив, го изладив и потоа со форми за колачиња вадев малечки желе бонбони кои ги валкав во кристал шеќер. Ако сакате можете и само да ги исечете на коцки и да ги извалкате во шеќер.