Тритикале крекери со вино
Состојки
- 1кг тритикале брашно (може и кое било друго брашно или мешавина)
- 1 чаша (200 мл) зејтин
- 400 мл бело вино
- 2 големи лажици сол
- 2 пецива
- по потреба/желба сусам, ким, афион, буковец, мешан зачин
Подготовка
Тритикале, м?
Збунувачки момент, нели?
Без паника, може и обично брашно, ама со тритикале има супер шмекче.
Сме ги правеле овие едноставни грицки 100 пати и секој пат по нешто ново правам. Никогаш не се покажале како утка на толку експерименти. Дури ни јас не успеав да ги утнам, а тоа во светот на готвењето мнгоу значи =))
Остана уште да ги пробам со бело брашно и хељдино и се мислам дали да ги пробам со пченкарно.
Комбинации до сега направени
само бело брашно
бело со ржано
само тритикале
бело со тритикале
Тритикале е жито кое е нешто меѓу пченица и рж и затоа има толку интересен шмек. Ние дома имаме наше интегрално, мелено на воденица на камен (морав да се пофалам), па на уживањата им нема крај. Најчесто ги приготвувам во комбинација со мајонезот од сончоглед (го имам рецептот поставено) и гостите понекогаш забораваат дека има и друго приготвено на маса =))
Лесни се за подготовка.
Од состојките се меси убаво тесто, масно и нелепливо. Дозата на состојки и самите состојки го прават многу лесно за работа.
Се сука кора со дебелина од окулу 5 мм и се вадат форми со калапчиња, се сечат ленти или се прават коцки.
Се редат во тавче на масна хартија и се печат на 200 степени окулу 20ина минути.
Доколку се користи Делимано Ростерот, нема потреба од масна хартија.
Искуството
Бидејки навистина често ги приготвуваме, правени се со ким, афион, сусам, мешан сув зачин и со црвен пипер.
Имаат интересен вкус со црвен пипер и со ким, афионот не направи некоја голема разлика во вкусот, само во декорацијата, а најубави ни се со подпечен сусам како на сликата.
Сусамот се подпекува во тавче и во рерна, да зарумени. Се сука една кора која не мора да има некоја форма, само да се истенчи тестото, се посипува со сусам рамномерно и се мота ролат. Убаво се меси да се распореди сусамот по целото тесто (не само да се посипе од горе) и тогаш се прави кората за сечење или вадење калапи.
За гости ги правам коцкички (наједноставно сечење ленти со нож или роло ноже за пица, во двата правци), а за пилиштарциве стапчиња. Оги Синко запчиња си чешкаше со нив, па ги правев попечени за да бидат тврди. Да видиш да не веруваш =))
Ние бидејки ги сакаме многу крцкави, кората ја сукам потекна и ги печам да се малку зацрвенети.
Ете така. На здравје грицки за со мајонез од сончоглед и пивце