Лек за грло со ѓумбир и мед
Состојки
- 1 корен од ѓумбир
- 2 лимона
- 1 тегла мед
Подготовка
Откако го пронајдов овој рецепт, постојано се користи во нашето семејство затоа што сите ние ги почувствуваме благодетите од него.
За лековитите својства на медот и ѓумбирот може многу да се зборува, затоа што тие својства делуваат на целокупниот организам, ама јас ќе бидам кратка во излагањето.
Комбинацијата на мед со ѓумбир делува мошне ефикасно, обезбедувајќи инстантно намалување на симптомите на кашлицата, настинките проследени со кашлица и воопшто на сите видови настинки, исто така при болки во грлото и течење на носот, како и при стомачни заболувања и главоболки.
Подготовка
Двата лимона ги сечеме на тенки кришки, ѓумбирот го сечеме на тенки листови, а може да се стави и во сечко. Ги ставаме во тегла, ред лимон, ред ѓумбир и ги залеваме со мед. Теглата ја затвораме и ја ставаме во фрижидер. Јас во текот на денот барем до два пати знам да ја превртам теглата, за да медот се размеша со состојките и се убаво да се раствори. По два дена лекот е спремен за пиење.
Препорачливо е да се пие по една лажица наутро или пак да се стави во зовриена вода и да се пие како чај.
Ви го препорачувам затоа што е едноставен за правење, а поволно делува врз организмот.