Пралини со карамел крем
Состојки
- 125мл слатка павлака + 125гр маргарин/путер
- 5-7 големи лажици карамел крем
- За премачкување на калапи
- 6 големи лажици зејтин (по 3 лажици на 100гр чоколадо)
- 200 - 300 гр чоколадо (можеби и повеќе зависи од калапите)
Подготовка
Полесно здравје, повкусно тешко дека може да биде =))
Ја тормозев Клара како се прават пралини. Мислев нема шанси тоа мене да ми успее, ама ете, приложеното друго кажува.
За премачкување на калапите чоколадото се топи на пареа. Пробав еднаш демек на тивко директ на оган и тоа чоколадо заврши во канта. Се згрутчи, да ти одмили благо колку грдо стана.
Пареа си е пареа. Никогаш повеќе нема да ме мрзи да склопувам тенџериња едно во друго. Искусните викаат дека не смеело вода (пареа) да го допре чоколадото, ама таа беља уште не сум ја направила за да ви кажам последици. Само оваа со топењето =))
Моето веќе богато (намиг намиг) искуство во премачкување калапи за пралини ми го кажува следново
Од како ќе се растопи убаво чоколадото, се меша да се соедини со зејтинот и се остава да се олади и згусне. Со погусто чоколадо и четка поубаво се мачкаат калапите. Кога е потопло чоколадото, се слева по калапите и ѕидовите остануваат празни или со тенок слој на чоколадо кој при вадење на пралините од калапи ќе се скрши.
Кога е погусто чоколадото, потребни се само две премачкувања, од кои второто се завршува многу побрзо бидејки е корекција. Не се секирајте ако од внатре личат грди, рашлапани и сл. никој тоа нема да го види. И уште нешто. Поубаво е ѕидот на калапите да е премачкан со подебел слој чоколадо. Полесно ќе се извади од калапот, а ако стои на собна температура нема да се здроби ако некој проба да си земе (упс, уште едно искуство)
Се премачкуваат калапите, се ставаат во фрижидер, пак се премачуваат и пак во фрижидер.
Полнење
Со миксер убаво се мати маргаринот/ путерот и се додава карамел кремот (рецепт на Лилјана Илиева објавен на МоиРецепти). Јас ставив 8 полни лажици, ама можете да си пробувате по вкус. Од како убаво ќе се размати и изедначи смесата, се додава слатката павлака. Се мати додека павлаката не се стврдне (згусне) убаво.
Кога смесата е готова, се полни шприц или кесе за замрзнувач на кое се одсекува врвот и се полнат калапите.
Јас ги ставив пак во фрижидер, да се стегнат малку, па после ги затварав со чоколадо.
Толку!
Ако имате среќа може нешто ќе ви остане за сликање. Од 18 тортички пралини, мене ми останаа само 4 за сликање. Шеќерниов мој сам си ги вадел од фрижидер и си јадел навечер. Ме пофалуваше насабајле колку биле добри =))
Совет
Земете повеќе од 200гр чоколадо за секој случај. Некои од калапите беа поголеми, некои помали, некои повеќе премачкани, па никогаш нема да може да се погоди точната количина на чоколадо.