Испечати

Славска посна погача

Славска посна погача

Состојки

  • За тесто
  • 1кг. брашно
  • 1 пресен квасец (претходно зафатен со 1 к.л. шеќер, 2-3 с.л. брашно и топла вода, за да се добие густа кашеста маса)
  • 1 супена лажица винска киселина
  • 1 супена лажица сол
  • 3 супени лажици шеќер
  • 100мл. масло
  • топла вода по потреба
  • За премачкување
  • 125гр. маргарин (за внатре) и малку за после печење
  • малку топла вода (за пред печење)
  • сусам, сончоглед или семки по желба

Подготовка

Во период на зимски верски празници сме.Затоа решив да ја споделам мојата погача,моја креација, која ја направив за славата на мајка ми. Инаку составен дел во празнувањата на празниците е и одење во црква и кревање или режење на лебче од страна на свештено лице, за здравје на луѓето во чест на Светецот. Ја продолжуваме традицијата на нашите баби, мајки, свекрви...Кај нас во црква се носи посна погача или лебче и од погачата се јаде со ручекот или вечерата.

Од сите наведени состојки за тесто се замесува средно - меко тесто ( со додавање на вода по потреба). Се меси убаво тестото, се додека не почни да се одвојува од ѕидовите на садот во кој месиме и не се лепи за раце, некои 15 мин.. Да биде толку убаво измесено, што да ни е мерак да го гледаме тестото, така си велам јас. Премачкуваме со масло, покриваме со најлонска фолија, ставаме и некоја памучна ткаенина (за да му биде потопло на тестото) оставаме на топло место се додека не го дуплира волуменот. Некаде околу 1 час.

Потоа без да премесуваме од тестото сечиме 1/4. Ја работиме, на тој начин што формираме топка, па ја отвараме во кора и премачкуваме со 1/10 од половината (125гр.) маргарин. Го роловаме и виткаме во полжавче. Одма го пресукуваме и отвораме кора која ќе ја ставиме во намрсено и набрашнето тепсивче бр.28, но не мора цело дно да го прекрива.
Другиот дел од тестото го делиме на 9 дела. Од секој формираме топка. Ја отвораме во облик на јазик, премачкуваме со делче од маргаринот, кој ни е поделен на 10 дела. Роловаме и го испреплетуваме (се гледа на фотографиите). Во круг во тепсивчето ги редиме деловите. Пред да го ставиме 9иот, централниот,  кората на дното што ја поставивме ја засекуваме на 8 дела и ги отвораме кон надвор, т.е. над секој дел. Во празнината го ставаме последниот дел.
Обликованата погача ја оставаме повторно да го дуплира волуменот (на истиот начин, како погоре што опишав, но овој пат не ја премачкуваме со масло и не ставаме најлонска фолија), некаде 45мин.

Пред печење ја премачкуваме со малку топла вода и наросуваме со семки. Можи да посолиме и со ситна сол. Ставаме да се пече на 200Ц.степени (во претходно загреана рерна) околу 1 час. Печењето е подолго од печење на обично лебче, заради маргаринот, по потреба се покрива со алу фолија за да не подгори.

После печење премачкуваме со малку маргарин. Ја оставаме извесно време покриена со памучна ткаенина и најлонска кеса во тепсијата, а потоа ја вадиме и убаво завиткуваме во ткаенината, па во најлонската кеса и оставаме целосно да се излади...

*Една напомена
Кога ќе се стави погачата да се пече, одоздола ставете еден плех, бидејќи можи да капни некоја капка од маргаринот и да замириса на изгорено. После 15 мин. извадете и продолжете со печење. Ако се пече во тенџере, нема потреба. Првите 15 мин. не е препорачливо отворање на рерната, за да не спадне тестото.

За многу години да ни се сите празници!!!!