Посен колач со јаболки
Состојки
- 1кг. исчистени јаболки
- 6 чаши (од 150мл.) шеќер
- 1 полна лажица сода
- 1 лажица ванила
- по вкус цимет
- 4 чаши зејтин
- 8 чаши брашно
- 150гр. сецкани ореви
Подготовка
Еден од најстарите рецепти од тетратката на мајка ми, омилен дома. Претпоставувам дека поголемиот дел од оние кои постите си постите со зејтин, па верувам ќе ви се најде рецептов.
1. Во поголем сад изрендајте ги јаболките, додадете го шеќерот, ванилата, содата и циметот и убаво промешајте. Оставете 1 час да стои. Јас користев кисели јаболки, Ајдарет и не ги излупив. Инаку количината на шеќер ви ја пишувам како што е запишано, ако сакате може да си намалите.
2. По 1 час додадете го зејтинот, брашното и оревите и убаво со лажица измешајте да се изедначи смесата. Намрсете и набрашнете плех со бр. 40 и претурете ја целата смеса. Ставете да се пече во загреана рерна на 220С. Кога ќе се дигне тестото и ќе фати кора (околу 10мин.) намалете на 180С, покријте со фолија и печете уште 1 час. Јас печев вкупно 1 час и 20 мин, но ќе си проверите со чепкалка. Оставете убаво да се излади, па послужете наросено со шеќер во прав.
Добар апетит =)
*Сите мерки се со иста чаша, 150мл. Ќе видите и од сликите, плехот е скоро полно и колачот има висина. По желба може да си прилагодите.