Печена риба со маринада (посно)
Состојки
- 1/2 кгр. замрзната риба (Ослич)
- Маринада
- по1/8 чаша оцет и бело вино (чаша од 200 мл.)
- 5-6 чешниња лук
- поголема врзалка магданос
- на вкус сол, бибер, сув зеленчук
- 1/2 лимон
- за потребата зејтин
- колку што е потребно брашно
- За залевање
- 200 мл. бело суво вино
Подготовка
Дојрански е рецептот, ние ја обожаваме... мека, сочна, деликатесна...
1. На полуодмрзната риба олупете ја кожата.
Маринада
2. Во садот во кој ке ја ставите рибата да одлежи, ставете ситно исецканиот магданос, лукот, бибер, сол, сув зеленчук, исецкан лимон, додадете ја на парчиња исечена рибата, измешајте ја.
3. Додадете сега по 1/8 чаша од виното и оцетот, додадете зејтин толку колку што е потребно да заедно со останатите состојки ја прекрива рибата. Оставете да одлежи во неа најмалку 4 - 5 часа.
4. Вака одлежаната риба вадете парче по парче заедно со се што се полепило од него, валкајте во брашно и редете во лесно подмачкано тавче со зејтин.
5. Ставете во предходно загреана рерна на 200 степени и печете ја.
6. Кога е е веќе печена, извадете ја , залијте ја со виното и вратете повторно назад во рерната додека испари виното.
- Пригответе си прилог по ваша желба, салатичка и нека ви е слатко.
Напомена
- Јас откако ќе ја излупам рибата веднаш ја ставам и во маринадата, не чекам да се одледува, а целото тоа го спремам одвечер, за наредниот ден само ја вадам од маринадата, валкам во брашното и печам.
- Ја печам во Ростер тавата и истата не ја подмачкувам. За време на печењето рибата пушта доволно зејтин и затоа не е потребно да ја подмачкувам тавата. Доколку ставате во друга тава, тогаш само маааалку сосема малку да е подмачкана тавата.
- Кога ја вадам рибата од маринадата се трудам да што повеќе од магданосот, лимонот и лукот остане по неа, па така ја валкам, дури и кога ќе ја поставам на даската посипана со брашно, земам од истите и додавам врз неа пред да ја посипам со брашното од горната страна.
- Виното со кое на крај ја залевам многу бргу испарува, затоа внимавајте во тој момент. Тавата треба само да остане сува, да нема течност, извадете ја.
- Доколку не сакате да има толку вино во самата риба, тогаш изоставете ја количината која е напишана во маринадата. Од вино користам бела Смедеревка.
За овој ручек спремавме риба ослич.