Испечати

Лебеди еклери

Лебеди еклери

Состојки

  • За тесто
  • 400 мл вода
  • 150 мл зејтин
  • 200 гр брашно
  • 5 јајца
  • За фил
  • 500 мл млеко
  • 300 гр шеќер
  • 3 лажици густин
  • 3 лажици брашно
  • 2 јајца

Подготовка

Празници се ближат, радост за секого, а особено за најмладите членови на нашите семејства. Особена радост кај децата во моето семејство предизвикуваат и овие колачи кога ќе се постават на празничната трпеза.

Најчесто, кога правам колачи или торти прво го правам филот.
Во околу 100 мл од млекото ги ставаме јајцата, брашното, густинот, малку шеќер и убаво ги промешуваме како за пудинг. Останатото млеко со шеќерот ги ставаме да почнат да вријат. Ја додаваме смесата за „пудинг“ да проврие, со постојано мешање, односно да се згусне. Оставаме да се лади.

За подготовка на тестото, водата и зејтинот трба да зовријат, па го додаваме брашното. Кога ќе се хомогенизира смесата, ги додаваме едно по едно јајцата. Значи, ставаме едно јајце, мешаме додека не навлезе убаво во тестото, па следното исто така, додека не се потрошат сите 5 јајца.
Во тавче, на хартија за печење, ги правиме со шприц „телата на лебедите“. Потоа со помала форма на шприц ги правиме вратот и главата на лебедите, на тој начин што правиме форми во вид на бројот 2. Се печат на 200 степени додека да добијат златно жолта боја.
Кога ќе се изладат „телата“, ги сечеме по должина и ги полниме со фил. Пред да ги затвориме вметнуваме една „двојка“ во филот. На крајот им посипуваме шеќер во прав.

Ви посакувам прекрасна забава !