Погача Елка
Состојки
- За тесто
- 550гр. просеано брашно
- 30гр. пресен квасец (претходно зафатен со 1 к.л. шеќер, 2-3 с.л.брашно и топла вода за да се добие кашеста смеса)
- 1 кафено лажиче шеќер
- 1 кафено лажиче к.л. сол
- 1 кафено лажиче винска киселина
- 100мл. масло
- топла минерална вода по потреба, онолку колку што е потребно за да се добие средно-меко тесто
- За премачкување
- 125гр. маргарин
- 2 жолчки
- 2 белки и малку оригано ( за однадвор)
- За фил
- 1 јајце
- 100-150гр. издробено сирење
- 100-150гр. сецкана салама
- 3-4 сецкани кисели краставички
- неколку сецкани маслинки
Подготовка
Иако сме на самиот почеток од месецов, се чувствува празнична магија. Се околу нас е во новогодишен дух. Идејата за да ја направам оваа погача, ја добив кога листајќи на нет видов елка од тесто.
Составот и начинот на изработката на тестото се мои, како што умеам и знам јас. На вас оставам да кажите дали е убава погачата, вкусна, мека....
1. Од сите наведени состојки за тесто, се замесува средно, меко тесто.Тестото убаво се изработува едно 10-15 мин. Се остава на топло да го дуплира волуменот, некаде околу 45 мин..
2. Пенасто го матиме маргаринот и жолчките.
3. Стасаното тесто се дели на 4 топки. Од секоја топка, отвараме правоаголна кора. Ја премачкуваме со 1/3 од изматениот маргарин. Ги редиме една врз друга и ги ставаме во длабоко замзнување да отстојат 30 мин.
4. За тоа време го спремаме филот. Се сецкаме.
5. Од четирите кори, отвораме една голема кора. Правете го тоа на малку намрсена хартија за печење, за полесно префрлување во плехот и водејќи сметка за димензиите на кората, преклопена треба да биде помала од плехот во кој ќе ја печеме.
На едната половина од кората го нанесуваме сирењето помешано со јајцето, па саламата, краставичките и маслинките. Преклопуваме и ставаме во плехот.
6. Ја обликуваме елката, на тој начин што сечиме триаголник (се гледа тоа на дополнителните фотографии). Засекуваме ленти од двете страни и ги усучуваме по 3, а нагоре по 2 пати, последните по еднаш, сите во ист правец.Оставаме на топло околу 45 мин.
7. Надојдената погача ја премачкуваме со белка, наросуваме со оригано и ставаме да се печи во загреана рерна.Времетраењето на печењето е 40 мин. и тоа 15 мин. на 220 Ц. степени и 25 мин. на 180 Ц. степени.
Со чаша јогуртче, одлична е...
На здравје....