Ролат од мелено месо
Состојки
- 500гр. мелено месо (мешано)
- 1 главица кромид
- 2 чешниња лук
- 150гр. свежи шампињони (ситно сецкани)
- 1 јајце
- по вкус сол и бибер
- зачини мајчина душичка и мајоран
- 12 ленти сланина
- Прилог - пире со крем сирење
- 400гр. компири
- 200гр. крем сирење
- 2 коцки путер (40гр.)
- по потреба млеко
- по вкус сол
Подготовка
Уште еден мој експеримент. До сега вообичаено ролатите сум ги подготвувала со додавање на лебни трошки, понекогаш и брашно. Овој пат на малку поинаков начин спремено, а вкусот е многу подобар. Се сече одлично и воопшто не се растура.
1. Меленото месо ставете го во сад, зачинете со малку сол и бибер и оставете на страна.
Во тава на оган ставете го ситно сецканиот кромид да се пржи. Потоа доадете го и протиснатото лукче и промешајте. По кратко додадете ги ситно сецканите печурки измешајте убаво и покријте со капак да се продинстаат додека не омекнат (6-7мин). Тргнете го капакот, зачинете со сол и бибер, додадете ги и другите зачини, убаво промешајте па тргнете од оган. Смесата ставете ја во садот со месото, додадете го и јајцето и убаво измешајте додека не се хомогена смеса.
2. Калапчето во кое ќе печете намрсете го малку, па наредете ги лентите сланина убаво да ја покријат целата површина. Претурете ја смесата, израмнете и затворете со сланината. Покријте со фолија. Калапчето ставете го во поголем сад наполнет со вода (водена бања) така што нивото ќе дојде скоро до половина на калапчето и ставете во загреана рерна на 180С да се пече (околу 50-55мин.). Потоа тргнете ја фолијата и оставете дополнтелни 15тина мин колку сланината да добие убава боја.
3. За прилогот.
Компирите убаво сварете ги, прецедете и ставете ги коцките путер, па со рачна пасиралка испасирајте да нема грутки. Во сад за матење ставете го крем сирењето и изматете кратко. Потоа спојте ги двете смеси со постојано матење и постепено додавајте топло млеко додека не добиете посакувана густина. Посолете по вкус.
Послужете топло.
Добар апетит =)