Испечати

Јафа торта од старата тетратка

Јафа торта од старата тетратка

Состојки

  • Пандишпан
  • 4 јајца
  • 20 лажици шеќер
  • 20 лажици млеко
  • 10 лажици зејтин
  • 20 лажици брашно
  • 1 прашок за пециво
  • Шербет
  • 250 мл вода
  • 250 гр шеќер
  • 2 смрзнати портокали
  • Глазура
  • 50 гр чоколадо
  • 5 лажици какао
  • 30 гр путер или маргарин
  • 5 лажици млеко
  • 5 лажици шеќер

Подготовка

Еве го и моето првенче.
Сакав да го испратам овој рецепт затоа што овој колач кај нас се подготвува многу често, сите со нетрпение го чекаат да се подготви (да го подготви мама, де).
Инаку секоја чест за странава, многу ми се допаѓа и поздрав за сите трпеливи домаќинки кои ги споделуваат прекрасните рецепти со сите нас, кои сме желни за нешто ново во нашата кујна.

1. Се матат добро, со миксер, јајцата со шеќерот. Потоа се додаваат останатите состојки за подготовка на пандишпанот. Се меша со лажица или на најтивко со миксер. Се става во плех, подмачкан со масло и брашно или пак на хартија за печење , за полесно вадење од тавчето. Се пече на 200 степени.
2. Откако ќе се испече, се вади од тавчето и се сече на половина по должина. Едниот дел од пандишпанот се дроби во посебен сад.
3. Се подготвува шербетот. Кога ке постигне точка на вриење, треба да врие околу 3- 4 минути.
4. Шербетот малку подизладен, да не е врел, се истура во дробениот пандишпан. Се меша до хомогена смеса.
5. Смрзатите портокали се рендаат со се кора во овој фил. Сето ова се меша убаво и ова е филот за тортата. Се истура врз половината од пандишпанот.
6. Глазурата ја подготвуваме на тој начин што прво ги ставаме млекото, путерот и шеќерот да се растопат, па се додаваат чоколадото и какаото.
Убаво се меша со рачна маталка за да не се појават грутчиња. Се става врз филот со помош на шприц, се размачкива со лажица или со помош на една ке сичка. Јас, кесичката за замрнување на храна, ја наполнив со глазурата, ја скинав малку на ќошот и со неа ја исфилував тортата.

Инаку ова повеке, барем за мене, наликува на колач, ама оригиналната рецепта, која е од мајка ми, стои како торта, па јас се потрудив да ви ја пренесам како што е запишана во наследената стара тетратка.