Испечати

Мексиканска чоколадна торта

Мексиканска чоколадна торта

Состојки

  • За тесто
  • 2 шољи (260 гр) саморастечко брашно
  • 1 шоља (120 гр) какао
  • 1 лажица цимет
  • 375 гр омекнат путер
  • 2 1/2 шољи (500 гр) шеќер
  • 1 кесичка ванилин шеќер
  • 6 големи (63 - 73 гр) јајца
  • 3 лажици инстант кафе
  • 3 лажици врела вода
  • 1 шоља без една лажица млеко
  • 1 лажица сок од лимон или бел оцет
  • За ганаш
  • 1/2 шоља (120 мл) слатка павлака со најмалку 20% м.м.
  • 1/2 лажичка цимет
  • 1 лажица инстант кафе
  • на врв нож кајенски пипер
  • 200 гр чоколадо со 54 % какао делови
  • За украсна глазура
  • 150 гр темно чоколадо, со 70% какао делови
  • 2 лажици (30 гр) путер
  • 2 лажици пченкарен сируп или светол мед

Подготовка

Рецептот е од книгата “Сега готвите мексиканска храна“ која ја донесе син ми од својата прва посета на саемот за книги пред десетина години и ми рече... Мама, сите купуваа лектири, јас “ЗА НАС“ купив книги за готвење....

Во млекото додајте го сокот од лимон или белиот оцет и оставете го да стои на собна температура.
Загрејте ја рерната на 180 Ц.
На дното на калап со страници кои се отвараат и пречник 28 цм ставете хартија за печење.
Инстант кафето прелијте го со врелата вода, измешајте и оставете го на страна.
Во средно голем сад просејте го саморастечкото брашно со какаото и циметот.
Во еден поголем сад за матење изматете го пенесто путерот со шеќерот и ванилиниот шеќер. Додавајте ги јајцата, едно по едно, матејки добро помеѓу секое додавање.
Измешајте го растопеното кафе со млекото, па додајте ги во смесата од путер и јајца сувите и водени состојки, наизменично, сувите во три, а водените во два наврати, матејки добро помеѓу секое додавање.
Истурете ја смесата во калапот за печење и печете 55 - 60 мин. Проверете со чепкалка, и внимавајте да не препечете.
Покријте го калапот со фолија и оставете сосем да се олади.

За ганашот искршете го чоколадото во еден средно голем сад. Загревајте ги на средно слаба температура слатката павлака со циметот, кафето и каенскиот пипер додека не е врело, но да не проврие. Прелијте преку чоколадото, оставете неколку минути, па измешајте да добиете сосема мазен чоколаден крем. Прелијте го преку колачот, сосема да ги покрие горната површина и страните. Оставете да се пролади кратко во фрижидер.

За украсната глазура, на тивок оган или на пареа растопете ги чоколадото, со путерот и медот. Ставете во кесичка, отсечете сосем малку од врвот, па нанесете украсна мрежа по горната површина на колачот.
За моите потреби ова е преголем колач. Јас секогаш печам два, во калапи со пречник 16 цм. На сликата е ден од нив.
Едниот го замрзнувам, добро завиткан во фолија и најлон, а другиот го довршувам. Замрзнатиот по потреба, полуодмрзнат го прелевам со ганаш и го глазирам. Бидејќи истовремено ги печам, времето за печење минимално се корегира за 5 - 10 минути.
За тие што им смета каенскиот пипер во ганашот, слободно нека го изостават, ама да си знаат дека пропуштаат нешто убаво....
За тие што немаат саморастечко брашно, нека измерат еднаква количина сенаменско брашно на кое ќе додадат 3 лажички прашок за пециво и 1/2 лажичка сол.
Тортата е нападно чоколадна, не преблага и навистина посебна... Некој верувам ќе ја бендиса...
Толку....