Полнети тригони со фил од карфиол
Состојки
- Тесто
- 350гр. брашно
- 1 1/2 лажица прочистен путер
- 1/2 лажиче сол
- 200 мл. вода
- Фил
- 300 гр. карфиол
- 100 гр. замрзнат грашак
- 2 домати
- 1 парче ѓумбир (2см)
- 2 лажици прочистен путер
- 1/2 лажиче мешани зачини (мајчина душица, орегано, босилек, морско оревче)
- сол, бибер
- 1л. зејтин за фритирање
Подготовка
Измешајте ги сите состојки за тестото и додавајќи ја водата замесете тесто кое треба да е мазно и еластично. Убаво изработете го и завиткајте го во проѕирна фолија. Оставете го во фрижидер да одстои 20 минути.
Карфиолот измијте го и разделете го на што поситни цветчиња. Доматите излупете ги и ситно исечкајте ги.
Во една подлабока тава за пржење ставете го путерот и оставете да се стопи. Додадете го ситно изренданиот ѓумбир па потоа ставете го и зеленчукот. Пропржете па поклопете со капак и оставете да се динста на средна температура 10-15 минути. Пред крајот додадете ги зачините и посолете по вкус.
Работната површина убаво набрашнете ја. Тестото развлечете го во правоаголна кора со дебелина од 2-3 мм. Сечете квадрати со димензии 10см на 10см. На секој квадрат ставете по 2 лажички од филот, преклопете ги страните за да добиете триаголник и со вилушка потиснете ги убаво страните за да се затворат. Веднаш ставјте ги да се пржат во претходно загреан зејтин. Доволно е 1-2 минути пржење или додека не добијат златно-жолта боја.
Испржените тригони ставете ги веднаш на кујнска хартија за да се исцеди вишокот на маснотии.
Послужете ги топли во комбинација со свежа салата и прелив од јогурт.
Совет
Тестото полнете го непосредно пред пржењето, во спротивно ќе ви се залепи за работната површина и ќе се распадне формата. Значи, полнете и веднаш ставајте да се пржат.