Ароматичен десерт со тиква
Состојки
- 250 гр. тиква (исчистена)
- 130 мл. Мадеира ( замена 100мл. сок од грозје и 2 лажици сок од лимета )
- 100 гр. шеќер
- 200 гр. крем сир
- 4 лажици млеко
- 1 лажиче сок од свеж лимон
- 100 мл. слатка павлака
- 120 гр. чоколадни медењаци
- 2 лажички какао во прав
- малку цимет
Подготовка
Овој ароматичен десерт не само што ги има боите, туку го има и мирисот на есента. Послужете ги најблиските со овој несекојдневен вкусен десерт кој нема да ви одземе многу време за негова подготовка.
1. Тиквата исечкајте ја на ситни коцки и ставете ја да се вари во едно мало тенџере заедно со 50 мл. Мадеира и 50 гр. шеќер. Тиквата варете ја на средна температура но не подолго од 10 мин. (доволно време за тиквата да омекне). Доколку немате Мадеира, измешајте 100 мл. сок од грозје со 2 лажици лимета и од оваа мешавина ставете 50 мл. во тиквата.
2. Откако тиквата ќе се свари испасирајте ја со рачниот блендер, додадете прстофат цимет, промешајте и оставете да се олади.
3. Медењаците исечкајте ги на крупно и ставете ги во еден длабок сад. Иситнете ги во трошки со помош на рачниот блендер.
4. Во друг сад измешајте го крем сирот со млекото, лимонот и 50 гр. шеќер. Додадете прстофат цимет и убаво измешајте.
5. Слатката павлака изматете ја убаво па внимателно додадете ја во смесата со крем сир.
6. Во десертни чаши правете слоеви по следниов редослед - 1 лажица трошки од медењаци кои ќе ги натопите со 1 лажица Мадеира, врз нив следува 1 лажица мус од тиква, па 1 лажица бел крем...повторно редите - трошки од медењаци па 1 лажица Мадеира, мус од тиква, бел крем. На крај завршувате со белиот крем и одозгора просејувате какао во прав.
7. Оставете го десертот 1 час во фрижидер да се излади па послужете.
Во зависност од големината на чашите од оваа количина излегуваат некаде 3-4 чаши.
Пробајте, нас ни се допадна, можеби и вам ќе ви се допадне....