Гитара торта за роденден
Состојки
- Кора 1 и 3
- 2 средни јајца
- 80 гр шеќер
- 10 гр ванила
- 60 мл масло
- 100 гр брашно
- 1 лажиче(5 гр) прашак за пециво
- Кора 2
- 6 белки
- 120 гр шеќер
- 100 гр мелени ореви
- 2 лажици(40гр) брашно
- 1 лажиче прашак за пециво
- Фил
- 6 жолчки
- 200 гр шеќер
- 600 мл млеко
- 100 гр нишесто
- семе од ванила стапче или ванилен шеќер
- 250 гр путер на собна Т
- 200 гр чоколада за готвење
- Прелив за 1 и 3 кора
- 120 мл вода
- 1 полна лажица шеќер
- 1 (2мл) екстракт од рум
Подготовка
Роденденската торта на мојот син.
Подготовка на филот
Жолчките со ванилата, шеќерот, нишестето и малку од млекото кратко се матат со миксер да се изедначат да нема грутчиња. Останатото млеко се става да се загрее. Пред да зоврие се тура смесата од жолчки и на тивок оган постојано се меша со лажица или жица додека се згусти како пудинг.
Се трга од огнот, се покрива и се остава да олади.
Се мати путерот, му се додава лажица по лажица од пудингот и откако ќе се изедначат се додава чоколадата претходно стопена и оладена.
Подготовка на кора 2
Белките се матат со шеќерот додека се добие цврст снег, потоа се додаваат оревите, брашното, пецивото и се мешаат со лажица да се изедначат. Смесата се тура во намачкан со путер и набрашнет калап (26) се рамни и се пече во загреана рерна 15-20 мин на 180 степени.
Подготовка на кора 1
Јајцата се матат со шеќерот и ванилата додека станат кремасти. Се додава маслото и на крај брашното и пецивото. На кратко со миксерот се мешаат да се изедначат. Смесата се тура во намачкан со путер и набрашнет калап (26) и се пече во загреана рерна 15 мин на 180 степени.
На истиов начин се подготвува и кора 3.
Подготовка на преливот
Водата и шеќерот се ставаат да зовријат. Се трга на страна и се додава екстрактот од рум.
Филовање
На подлога за торта се реди третата кора се прска со половина од преливот и се мачка со фил, потоа се реди втората кора се мачка со фил и на крај првата кора, се прска со преливот и се мачка со останатиот фил.
Се декорира по желба и се остава во фрижидер да се стегне.