Испечати

Путер од тиква

Путер од тиква

Состојки

  • 425 грама тиква
  • 1/3 чаша кафен темен шеќер
  • 1/4 чаша мед
  • 1 лажица сок од лимон
  • 1/4 лажица цимет

Подготовка

Путерот од тиква е супер рецепт не само за оние кои ја обожаваат тиквата и вкусните јадења приготвени со неа, туку верувам ќе им се допадне на сите кои сакаат да пробаат нешто ново и вкусно, без разлика на возраста. Исто така верувам дека ќе ги израдува луѓето кои внимаваат што внесуваат во своето тело, како и на романтичните души кои ја сметаат есента за свое омилено годишно време.

Кога го завршував путерот од тиква, почувствував како слаткиот пријатен мирис од тегличката го исполни мојот дом со мирис на есен. Ако се сложувате со барем дел од ова што го напишав, тогаш, еве го рецептот за путер од тиква кој ќе ви даде наутро го намачкате на тост ќе ви даде доволно енергија и убав почеток на денот, или навечер ќе ве опушти додека сте гушнати со саканите под топлото ќебе, уживајќи во вкусни палачинки филувани со овој путер.

Тиквата ја излупив и исечкав на ситни парченца. Потоа заедно со тиквата веднаш ги ставив шеќерот, медот, лимонот и циметот во тенџере на тивок оган. Кога почна да врие мешав додека не омекнаа парчињата тиква. Кога омекна тиквата го тргнав тенџерето од оган и смесата ја ставив во блендер. Откако се беше изблендирано и изедначено, смесата ја вратив во тенџерето и додадов две чаши вода. Постојано мешав се додека не се појави трага од лажицата на дното на садот. Тоа е знак дека путерот од тиква е готов. Почекав малку да се олади и путерот го собирав во тегличка, а веќе беше таман за мачкање на тост, палачинки, бисквити, колачи или на што вам ви се допаѓа.
Треба да се чува во фрижидер.
И тоа е тоа, вкусно, здраво и полно со витамини.