Брзо селско месо
Состојки
- За ќофтиња
- 400гр. мелено месо (мешано)
- 1 главица кромид
- 1 чешне лук
- 1 лажичка сенф
- 2-3 лажици зејтин
- по вкус сол, бибер и мајчина душичка
- Останати состојки
- 400гр. свинско месо
- 2 поголеми главици кромид
- 2 моркова
- 400гр. свежи шампишони
- 1 лажица сенф
- 1 крем супа од печурки
- 900мл. вода
- 100мл. бело вино
- по вкус зачини сол, бибер, ловоров лист, мешан зачин
Подготовка
Побрза верзија на традиционалното селско месо, одлична ако се најават гости на ручек, а сакате да спремите супер јадење.
1. Опционално свинското месо може да го исечете на парчиња, да го зачините со сенф, сол, бибер и зачини по желба и да го оставите од вечер за наредниот ден, а може и веднаш да се подготвува.
2. Сите наведени состојки, освен меленото месо ставете ги во блендер и убаво испасирајте ги да се добие кашеста смеса, па додадете ги во меленото месо и убаво измесете да се изедначи. Од така добиената смеса направете ќофтиња.
3. Главиците кромид исечете ги на половина, па секоја половина на резанки со дебелина 2-3мм. Земјената тава (или садот во кој ќе печете) намрсета ја малку, па резанките кромид наредете ги на дното. Врз кромидот распоредете ги парчињата месо и ќофтињата. Морковот исечкајте го на крукчиња, а печурките на половина па распоредете ги врз месото.
4. Во тенџере на оган ставете ја водата да се загрее. Во друг сад на страна ставете го виното и во него растворете ја супата од печурки, па кога водата ќе зоврие додадете ја, промешајте и само почекајте повторно да зоврие па исклучете. Целата супа претурете ја во тавата, поклопете и ставете во загреана рерна на 180С да се пече околу 1 час. 15мин. пред крај отворете ја тавата и печете така. Оставете малку да се излади па послужете со пире, печени компири или самостојно.
Количината на вода и вино е по избор, може да ставите и повеќе вино ако сакате, но отприлика да биде до 1 литар.
Добар апетит =)